Наташа КОТЛАР

(реакција по изјавата на Заев за грчката ТВ Алфа дека ме присвојувале светска, балканска и туѓа историја)

Историјата навистина ќе ве запамети, но како лош пример на владеење и уште полош пример на (не)образованост! Кои книги од историјата на македонскиот народ сте ги прочитале или сте усвоиле нешто од нив за да можете да зборувате за македонската историја, па дури и да изнесувате недоделкани констатации! Сте прочитале нешто од археологијата, од историјата, од јазикот и литературата, од културата на македонскиот народот кој во вертикалата на историскиот опстој и континуитет создавал своја и посебна историска содржина на своја – македонска почва, а не на друга!

И веднаш овде да ви појаснам, ова што го велам е забележано уште пред 160 г. и тоа токму од непријателите (П. Р. Славејков и др.) на македонската посебност кои точно ја констатираа истата од аспект на црква (Охридска архиепископија), територија, народ, јазик. Ова е од аспект на историската (етнолошката) манифестација, но проблемот се комплицира од замешувањето на политиката во ова прашање (Л.Нидерле „Македонското прашање“, 1902г.).

За среќа во тек на изминативе 75 години македонскиот народ создавајќи ја својата држава на овој македонски простор (на 2 август 1944 г.) ги отвори и можностите за научно проучување на историјата на македонскиот народ (во најширока смисла на зборот). И секако, колку и да сакала политиката да ѝ се меша на науката како дисциплина, сепак таа не успеала да ѝ го намали или да ѝ го попречи нејзиниот квалификатив на научност!

Последново посебно да го запаметите и вам нема да ви успее ни со октроираните договори потпишани со соседните држави, ниту со скапо платените „комисии“ да го урнисате македонскиот научен капацитет! Напротив, ова лошо зборува за вас и вашите марионети, откинати од „науката“! Наравоучение, господо! Постои македонска наука која е со огромна продукција во истражувањето на архелошките, историските, јазичните, литературните и други сфери од македонското суштествување и творење на овој простор! Вашето незнаење, необразованост и политички егзебиции чувајте си ги за вас и во вас, за да не излегуваат на виделината на денот, за да не се засрамите, најпрвин самите себе, а потоа и сета македонска јавност!