Европратеникот Андреј Ковачев и потпретседател на Европската народна партија во интервју за БГНЕС ја коментираше претстојната посета на претседателот Румен Радев и премиерот Кирил Петков во Франција.

Таму се очекува да го одобрат предлогот на претседателот Макрон за укинување на ветото за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

– Можеме да гарантираме само доколку нашите точки од Рамковниот став и Декларацијата на бугарскиот парламент, како и елементите на Договорот за пријателство и добрососедство бидат вклучени во преговарачката рамка што треба да ја усвојат сите земји-членки, рече бугарскиот европратеник.

Ковачев истакна дека од страна на Скопје нема ни педа раздвижување за ниту една од темите кои се важни не само за Бугарија, туку и поврзани со основните европски и човечки вредности.

– Фалсификувањето на историјата денес води кон дискриминација. Затоа немаме културно-историски спор со елитата на РСМ, туку проблеми поврзани со човековите права, дискриминација, што е последица на фалсификување и едукација, рече европратеникот.

Тој додаде дека Бугарија има консолидирана позиција за почеток на преговорите за Македонија со ЕУ, која не е ограничена само на владејачката партија.

– Нашиот став е точките што ги предложивме да се вклучат во преговарачката рамка за пристапување на Македонија, што треба да биде прифатено од сите земји-членки во советот. Ако претседателот Макрон има нешто ново да и каже на Бугарија, треба да знаеме, рече Ковачев.