Премиерот Димитар Ковачевски ги осуди нападите врз полицијата истакнувајќи дека иако протестите се демократско право, насилството не може да се оправда со ништо.
-Тоа што синоќа се случи пред Собранието не е вистинското лице на европска РС Македонија, земја членка на НАТО. Протестите се демократско право на секој граѓанин, но насилството не може да се оправда со ништо. Најостро го осудувам нападот врз полицијата која синоќа беше на висина на својата задача, професионално штитејќи ги граѓаните и државните институции, напиша премиерот Ковачевски на „Фејсбук“.
Насилството и омразата не се, и не може да бидат решение на ниту еден проблем, додаде тој. На, како што пишува, „потпалувачите на протестите ќе им порачам – не манипулирајте и не злоупотребувајте млади луѓе за да ги задоволите вашите политички апетити“.
-Вашето сценарио синоќа резултираше со над 40 повредени полицајци и над десетина приведени. 27 април нема да се повтори, напиша Ковачевски.
Актуелниот премиер, кој е партиски и државен наследник на Зоран Заев, е дел од политичката гарнитура која на власт дојде со палење на државни објекти „на режимот“ (канцеларијата на претседателот на државата) во Скопје, кои на повеќе протести во тн. шарена револуција ја напаѓаа полицијата, сега остана без коментар за бруталноста на полицијата кон сопствениот народ кој протестира против предлог кој го загрозува македонскиот идентитет.