Премиерот Димитар Ковачевски им го честиташе синоќешниот избор на 16 заменици министри на кои им порача од денеска да ги засучат ракавите и да почнат да работат во интерес на граѓаните.
– Честитки и многу успех за новите заменици-министри, од утре се гледаме на работно место и очекувам уште веднаш ефикасно да ги спроведувате вашите задачи. Најважно од сé е да работиме искрено, посветено, стручно и ефикасно. Таква матрица, таква методологија, работна атмосфера, таква контрола и одговорност побарав и нема да отстапам за сите врвни владини позиции. И за министрите и за замениците-министри. Граѓанинот е во центарот на нашето внимание, неговите лични, семејни потреби и предизвици се највисоко на владината агенда. За тоа вреди да се работи, тоа е најсветата мисија и лична обврска за мене и оваа Влада, се вели во честитката од Ковачевски што ја објави на својот профил на Фејсбук.
Собранието, како што објавивме, со 63 гласа „за“, 35 „против“ и без воздржани, синоќа избра 16 заменик-министри од кои 10 се Албанци и 6 Македонци.