Синдикатот за образование, науката и култура (СОНК) е подготвен за штрајк во образованието, а Владата не е подготвена за прифаќање на нивното барање за зголемување на платите. Тоа синоќа го потврди и премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто во ТВ Алсат.

СОНК го закажа штрајкот на 11 април, а Министерството за образование и наука, заедно со Владата и со Министерството за финансии прават анализи на буџетот за можно зголемување на платите во образовниот сектор.

Ковачевски смета дека „треба да се најде избалансирано решение за раст на платите во образованието до кое ќе се дојде низ економско-социјален дијалог“. Тој во синоќешното интервју за емисијата „360“ на ТВ Алсат истакна дека дијалогот со СОНК е отворен и дека се разговара за методологија која што ќе овозможи во иднина да расте платата на работниците во овие дејности.

Ковачевски посочи дека се прават консултации во Министерството за образование и наука и во Министерството за финансии за да се видат можностите што буџетот може да ги поддржи.

– Јас сметам дека треба да има зголемување на платите во образованието, меѓутоа мора да бидеме свесни дека ова е најкризната година после Втората светска војна и мораме да се грижиме државата да може да ги финансира сите свои обврски што ги презеде. Гледате дека и во најголема криза ја покачивме минималната плата и ги зголемивме пензиите коишто се плаќаат пред време, нагласи Ковачевски.

Премиерот посочи дека во овој случај, одговорноста не е само во едноставното зголемување на платите и дека постои можност за дополнителен инфлаторен притисок.

– Разговарав со претставниците на Советот на Народната Банка, од причина што доколку ги зголемите платите колку што е вкупното барање на синдикатите, тоа може да произведе дополнителен инфлаторен притисок. А дополнителен инфлаторен притисок ќе значи дека и платата која ќе ја добијат работниците, по многу кратко време, нема да вреди. Ако се зголеми инфлацијата, тогаш обврската на Народната банка е да интервенира преку зголемување на каматните стапки, што значи дека и долговите кои што ги имаат тие граѓани на тековни сметки на кредитни картички со зголемувањето на каматните стапки, ќе се зголемат и нивните обврски за плаќање. Затоа мора да се балансира решението меѓу она што го бара синдикатот и она што го нуди како можност буџетот бидејќи веќе сите тие граѓани добиваат субвенција за струја, намалено ДДВ за храна итн, појасни Ковачевски.

Синдикатот за образование, наука и култура најави штрајк на 11 април, барајќи усогласување на платите во овие дејности. Досега во Владата беше одржан еден состанок, а претседателот на синдикатот Јаким Неделков најави нова рунда преговори во понеделник.