Премиерот Димитар Ковачевски во вечерашното интервју за 360 Степени на ТВ Алсат рече дека коалиција помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е непрактична, нефункционална и непринципиелна идеја од повеќе причини.
– Прво, ако ги погледнете програмите и ставовите по генералните прашања помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, тие се дијаметрално спротивни. СДСМ, ДУИ и други политички партии, коалициони партнери на Владата, ги донесоа најтешките и најголеми одлуки за државата – членството во НАТО, отпочнувањето на преговорите со Европската Унија. ВМРО-ДПМНЕ е против. Второ, доколку ги погледнете ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот претседател во однос на претстојните уставни измени со кои ние го продолжуваме патот кон ЕУ, тогаш има неконзистентност од изјава во изјава, рече Ковачевски.
Тој додава дека во СДСМ се одвива демократска дискусија на различни нивоа, меѓутоа дека одлуките се носат низ дискусија и гласање на телата на партијата, а тоа се Извршниот и Централниот одбор, и сите одлуки досега се донесени едногласно без ниту еден глас против.
Според него, Мицкоски често ги менува своите ставови во однос на Договорот за добрососедство со Бугарија, но и за уставните измени кои се потребни доколку земјата сака да продолжи по патот на интеграција во ЕУ.
Прашан дали има контакти со поранешниот премиер Зоран Заев, тој вели дека има контакти со сите поранешни претседатели на СДСМ без исклучок, но дека тие се на принципиелна основа.
– Тоа се политичари што ја воделе партијата, меѓутоа воделе и значајни ресори во државата и сите контакти се во насока кога е потребно да се добие совет, како при носењето на некои одлуки што се позначајни и за кои треба поширока консултација и, секако, дека таков инпут, такво искуство е значајно при моделирањето на политиката. Сите поранешни претседатели на СДСМ имаат свои кариери, тоа се професионалци, господинот Заев е вклучен во стопанството, Радмила Шекеринска е потпретседател на партијата на европските социјалисти што особено не прави горди нас како СДСМ бидејќи првпат има потпретседател кој е надвор од ЕУ, рече Ковачевски.
Извор: 360 степени