Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски го достави до Собранието предлогот за реконструкција на Владата со следните кадровските решенија:
За министер кој ќе раководи со Министерството за правда, предложен е г-дин Кренар Лога.
За министер кој ќе раководи со Министерството за здравство, предложен е г-дин Фатмир Меџити.
За министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, предложен е г-дин Азир Алиу.
За министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање, предложена е г-ѓа Каја Шукова.
За заменик на министерката која раководи со Министерството за одбрана, предложен е г-дин Тирон Јајага.
За заменичка на министерот кој раководи со Министерството за правда, предложена е г-ѓа Викторија Аврамовска-Мадиќ.
За заменичка на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, предложена е г-ѓа Вјолца Бериша.
За заменичка на министерот кој раководи со Министерството за здравство, предложена е г-ѓа Маја Манолева.
За заменик на министерот кој раководи со Министерството за образование и наука, предложен е г-дин Агим Нихиу, информираат од Владата.
СОБРАНИЕ: Го примивме предлогот за реконструкција на Владата, ќе биде закажана седница
Од Собранието потврдија дека во нивната архива е примен Предлогот за реконструкција на Владата испратен од премиерот Димитар Ковачевски.
-Премиерот го достави предлогот за реконструкција на Владата и е примена од нашата архива. Кој ден ќе биде на седница, односно кога претседателот на Собранието ќе ја свика, ќе информираме дополнително, велат од собраниската прес-служба.
Предлогот за реконструкција на владиниот кабинет е за четворица министри и пет заменици министри, а следуваше по преговорите за приклучување на Алијансата за Албанците (АА) во владиното мнозинство.
Кренар Лога е предложен за министер за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, додека за нов министер за животна средина и просторно планирање е предложена Каја Шукова од СДСМ, на местото на досегашниот Насер Нуредини од ДУИ.
Лога ќе го замени Никола Тупанчевски од СДСМ, Меџити треба да биде на местото на Беким Сали од Алтернатива, а Алиу на местото на Адмирим Алити, исто така од Алтернатива.
Со реконструкцијата се опфатени и заменици министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство. За заменик министер за одбрана е предложен Тирон Јајага од Алијанса за Албанците, а од редовите на оваа партија е и Вјолца Бериша за заменичкото место во земјоделство, шумарство и водостопанство. Предлог на Ковачевски за заменик министер за правда е Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, за здравство Маја Манолева, а за образование и наука – Агим Нихиу од ДУИ.
Коалицискиот партнер во власта Алтернатива, кој раководи со министерствата за здравство и за информатичко општество и администрација, а има кадри и во пониските ешалони на власта, за утре најави седница на Претседателството на која ќе одлучува за натамошното делување.