Бившиот премиер и актуелен претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, вели дека не му е незгодно тоа што побарал апанажа бидејќи тоа законски го следувало.

Тој така одговори денеска по посетата на компанијата Киел Македонија ДООЕЛ Желино, на прашањето дали не му е незгодно што ја побарал апанажата.

– Јас бев претседател на Владата во исклучително тешко време, својата функција ја обавував согласно законот на РСМ, согласно законот за Влада и согласно законот за избори поднесов оставка. Сите одлуки коишто се носени потоа во однос на примањата на функционери кои извршувале такви функции се направени согласно законот. Сметам дека сите треба да ги почитуваат законите и токму како резултат на законите кои се почитуваат имаме зголемување на просечната и минималната плата во односн на 2016 и 2017 година. Тоа не се коментира, тоа е законско решение, рече Ковачевски.

На забелешката дека апанажата ако не се побара, нема да се добие, тој кажа дека нема свои компании, иако бил обвинуван дека има.

– Јас бев обвинуван дека сум имал свои компании, но се потврди дека јас немам свои компании. Мандатот на претседател на Влада и на членови на Влада завршува на сто дена пред избори, што значи било кој министер и претседател на Влада, согласно законот е поднесена оставката, таа е заради исполнување на законската обврска мандатот на престане на 100 дена од одржување на изборите. Со тоа завршува мандатот, било кој да бил претседател на владата, неговиот мандат завршува на сто дена пред избори, објаснуваше во детали Ковачевски.

Според него треба да следува апанажа, за да може да се искористи одреден временски период да се направи трансфер во кариерата.

– Доколку некој извршувал општествена функција треба да следува апанажа да може да искористи одреден временски период својата кариера да ја насочи кон некоја друга. Не би сакал да давам популистички изјави дека нешто не треба да се прави, затоа што таа се прави за многу избрани и именувани функционери. Има луѓе што седат четири години во Парламент и после тоа ако не се веќе дел од Парламентот треба да направат трансферн на својата кариера во некоја друга област, рече Ковачевски.