Воопшто не се намалува субвенцијата на земјоделците, туку напротив таа останува иста, а кај некои и ќе се зголеми, оние кои имаат зголемено производство, истакна на денешната прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски, нагласувајќи дека со измените, 30 проценти од субвенциите ќе се исплаќаат за време на посевите.

Тој истакна дека за 2023 година ќе се воведе нов систем за субвенции за земјоделци, што се користи во Европската Унија, со кој земјоделците 30 проценти од субвенцијата ќе ја добијат тогаш кога се посевите, а остатокот ќе го добијат врз основа на предадено производство.

– Со оглед на тоа што се работи за прва година, не само што не се намалени субвенциите, туку напротив тие се и зголемени. Ние додадовме една милијарда денари дополнително за да може да се исплати авансната исплата за земјоделците со новиот систем на субвенционирање во текот на 2023 година. Воопшто не се намалува субвенцијата на земјоделците туку напротив таа останува иста кај некои и ќе се зголеми, оние кои имаат зголемено производство, а ќе се забрза и исплатата, термински исплатата од 30 проценти ќе се врши пред да се заврши целото производство, односно при посевите, рече Ковачевски.

Претседателот на Владата додаде дека реформата е воведена откако Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство спровело дискусии и анализи со сите потсекторски групи во Министерството.

Тој потенцираше дека ќе се направат и законски измени со цел да се обезбедиме со основни прехранбени производи во државата за 2023 година.