Лани биле реализирани речиси 90 проценти од предвидените капитални проекти, а вредноста на инвестициите на државата по тој основ во последните три години изнесува 1,1 милијарда евра.
-Фактите покажуваат дека и покрај тоа што минатата година беше критична од повеќе аспекти, што оставаше сомнеж дека нема да се успее, сепак имаме реализација на капитални проекти од речиси 90 проценти од проектираното, што е највисок процент во споредба со претходните 10 години. Сето ова го направивме со цел да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните, рече денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.
Споредено со 2014 година кога капиталните инвестиции беа во вредност од 286 милиони евра, како што рече премиерот, тие лани се искачија на 465 милиони евра, што е зголемување за повеќе од 60 проценти.
Според премиерот, се бележи пораст на капиталните инвестиции во повеќе ресори кои се клучни за развојот на државната, а само во последните три години во услови на пандемија и светска енергетска и економска криза се реализирани капитални инвестиции во вредност од 1,1 милијарда евра.
Нивото на планираните инвестиции во Буџетот за годинава е повисоко за 58 проценти и изнесува околу 800 милиони евра, а средствата ќе се обезбедат од Буџетот, ИПА фондови и од заеми.