Лидерската средба ја свикав со цел заедно со сите политички партии кои се застапени во Парламентот да разговараме за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да ги носиме во еден широк, општествен и политички консензус. Убеден сум дека ќе дадат поддршка во носењето на брзи и квалитетни одлуки во Собранието, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по увидот на градежните работи на делницата од патот Фариш – Прилеп.
– Дел од разговорите, нормално ќе биде скрининг процесот којшто се одвива после првата меѓувладина конференција помеѓу нашата дражва и ЕУ, објаснувачкиот скрининг и подготовките за билатералниот скрининг, потоа сите оние клучни аспекти коишто се однесуваат на интегрирањето на државата во ЕУ, а тоа е, пред се, владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, економските аспекти на нашата соработка со ЕУ, бидејќи да не заборавиме интеграцијата во ЕУ не е само прашање на интеграција, не е само политичко прашање, туку веќе станува и економско прашање и сите граѓани можат да видат дека во справувањето со економската криза нашата дражва не е оставена сама, туку според она што го кажа и претседателката на ЕК, но и она што го носам како порака од Берлин, покажува дека регионот на Западен Балкан, нашата држава се дел од активностите на ЕУ, рече во одговор на новинарско прашање што очекува од лидерската средба која ја свика за в понеделник.
Тој посочи дека веќе во јануари ќе ја добиеме првата транша од 80 милиони евра за справување со кризата, но и една голема сума финансиски средства, пред се, инвестициски, со цел енергетска транзиција на државата.
– Дополнително на тоа, нашата држава е практично раскрсница на новите гасоводи и на новите терминали коишто се прават во регионот, и исто така, тоа треба да биде еден од приоритетите на нашата држава во однос на носењето на одлуките. Сето ова практично претставува еден комплекс на интегрирањето на нашата држава во ЕУ и затоа треба да се разговара со сите политички партии, коишто јас сум убеден дека ќе дадат поддршка во носењето на брзи и квалитетни одлуки во Собранието на државата, истакна премиерот Ковачевски.
Премиерот Димитар Ковачевски во средата испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба, на која ќе се разговара за европската иднина на земјава и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус. Средбата е предвидено да се одржи в понеделник, на 7 ноември, во Собранието на Република Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска потврди дека ќе присуствува на лидерската средба в понеделник.