Премиерот Димитар Ковачевски денеска на Св. Трифун е на два фронта: Во Собранието во Скопје ја реже новата Влада во која влегува Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, а во кавадаречко Ресава режеше лозје заедно со ресорниот министер и партиски колега, Љупчо Николовски.
– Одлуката што ја донесе Демократски сојуз (на Павле Трајанов) не претставува никакво нарушување на стабилноста на владиното мнозинство, изјави денеска Ковачевски, кој заедно со министерот Николовски присуствуваа на настан за традиционално закројување на лозје во село Ресава во Кавадарци, по повод верскиот празник Свети Трифун.
Ковачевски рече оти очекува нивните функционери да ги поднесат своите оставки, посочувајќи на заменик министерот за локална самоуправа.
-Ме радува што Демократски сојуз кажа дека останува на европскит пат и на поддршка на такви одлуки што не можеше да се потврди до сега во пракса, освен декларативно. Видовме вчера дека пратеникот на ДС не го гласаше Договорот Фронтекс, но сепак има можност во иднина своите декларации да ги покаже и во пракса. Очекувам нивните функционери да ги поднест своите оставки, тука пред се мислам на заменик министерот за локална самоуправа, рече Ковачевски.
Како коалициска Влада, додаде тој, остануваат отворени за сите политички партии, поединци и организации кои се за продолжување на европскиот пат на државата и за полноправно зачленување во ЕУ.
-Се надевам дека како искусен политичар господинот Трајанов нема да се доведе во ситуација како Мицкоски да стане заложник на Апасиев, рече Ковачевски, истакнувајќи дека владиното мнозинство е силно и стабилно, а реконструкцијата на Владата ќе помине со над 64 гласа.