Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека се работи на ребаланс на Буџетот кој е очекуван во услови на криза.

– Ова е најкризна година во Европа и во светот по Втората светска војна и нормално дека ќе се прави ребаланс на Буџетот. Во Министерството за финансии, службите работат на подготовка на ребалансот. Тоа не е едноставен процес. Ќе се одвива низ законски пропишаната постапка и кога ќе дојде на дневен ред, ќе биде ставен на Влада и на Собрание, рече Ковачевски по увидот во активностите за отпочнување на процесот на чистење на линданот од малата депонија во кругот на фабриката „ОХИС“.

Во однос на задолжувањето, Ковачевски посочи дека тоа е веќе пропишано во Буџетот во износ од 600 милиони евра и дека најверојатно дел ќе се прави на надворешниот, а дел на домашниот пазар.

Владата, како што додаде Ковачевски, е во постојан контакт и со Народната банка на државата бидејќи во услови кога има увезена светска инфлација, монетарната и фискалната политика мора да бидат координирани и хармонизирани меѓу себе.

Во однос на јавниот долг, Ковачевски рече дека лани јавниот долг е намален на ниво од 59,9 проценти, но оти годинава поради актуелната криза, тој ќе биде зголемен.

Јавниот долг во моментов според официјалните информации на веб страницата на Владата изнесува преку 7 милијарди евра.