Премиерот Димитар Ковачевски преку објава на фејсбук ги демантира како што наведува, лагите и шпекулациите во врска со францускиот предлог, и порачува дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на Европската Унија, без никакви фусноти и дополнувања.
– Се појавија многу лаги и шпекулации врзани со францускиот предлог. Сакам да бидам кристално јасен: македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со сите други јазици во Европа со овој предлог. Македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на Европската Унија. Нема никакви фусноти и дополнувања, тоа се лаги.
Нашата стратегија и план даде резултат, имаме нов предлог кој ги штити нашите стратешки и национални интереси. И во предлогот и во преговорите, нема да дозволиме тие да бидат загрозени, наведува Ковачевски во објавата на фејсбук.
Нејасно е како тоа Ковачевски и неговиот тим и нивната стратегија дале резултати кога станува збор за истиот предлог од Франција за кој претходно и за Ковачевски беше неприфатлив. За тоа вчера се чудеше и француската амбасадорка во Софија, Флоренс Робин, која рече дека всушност станува збор за идентичен документ.
Таа, како што објави бугарски БГНЕС, рече дека се прашува „зошто Скопје тврди дека таканаречената втора верзија на францускиот предлог е подобра од првата“, пишува БГНЕС