Потребни се културно – информативни центри кои што ќе ги зближуваат граѓаните на двете држави и двете држави, а не клубови кои ќе предизвикуваат негативни емоции. Нашите граѓани да бидат достоинствени, и да се однесуваат со европските манири, како на држава членка на НАТО и држава која има отворено преговори со ЕУ, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.
-Јас кажав уште кога се отвораа тие клубови дека имињата кои што беа избрани може да претставуваат провокација со оглед на тоа дека тие имиња кои што беа дадени будат негативни чувства во најголемиот дел од нашето општество со оглед на тоа дека тие личности се поврзани со најтемните периоди во европската историја. Исто така, тогаш повикав да се отвораат клубови, односно културно-информативни центри кои што ќе ги зближуваат граѓаните на двете држави и двете држави, а не клубови кои ќе предизвикуваат негативни емоции кај граѓаните. Исто така, повикав и нашите граѓани да бидат достоинствени, и да се однесуваме согласно со европските манири, бидејќи сме држава членка на НАТО и држава која има отворено преговори со ЕУ и идна полноправна членка на ЕУ и затоа треба да бидеме на ниво на такво однесување, рече премиерот Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата прашан за став за последниот инцидент со бугарскиот клуб во Охрид, за кој Софија веќе ја информирала и ЕК.
Тој потсети дека имаме нов закон за здруженија на граѓани, согласно кој ќе мора да се усогласат сите здруженија кои се регистрирани во државата, без разлика кои се и какви се, а побарал и изработка на комплетно нов закон за здруженија на граѓани и фондации усогласен со сите политички партии, со претставниците на еврејската заедница и со експерти и истиот да се базира на германското законодавство, на кој работи Министерството за правда.
Ковачевски воедно најави дека наскоро од Владата ќе биде поднесено барање до Владата во Софија за отворање на официјални културно-информативни центри за што во комуникација се министерствата за култура на двете земји.
-Во однос на реакциите коишто ги има упатено Република Бугарија тоа се реакции на Бугарија, ние исто така, како МНР, нормално имаме свои реакции. Она што можам да најавам е дека со Република Бугарија, министерствата за култура се во комуникација, многу скоро министрите ќе имаат состанок и треба да се воспостави комуникација помеѓу двете држави преку официјални културно-информативни центри како што ние најавивме дека ќе отвориме во Бугарија и кое барање ќе го доставиме и ќе биде разгледувано од бугарската Влада, на ист начин тоа треба да биде и од другата страна, за да може да покажеме дека овој регион е регион на соработка и регион во кој што заеднички сите држави, и ние, и Албанија, и Србија, и Бугарија, и Грција, и Косово имаме заедничка иднина во Европа, а таа се базира на добрососедски односи кои секогаш зависат од сите соседи, рече Ковачевски.
Бугарското МНР категорично го осуди инцидентот во Охрид и изрази очекување дека надлежните органи во Северна Македонија во најкраток можен рок ќе преземат мерки за откривање и изведување пред лицето на правдата на сторителите. По тој повод, денеска во Министерството за надворешни работи на Бугарија, на средба ќе биде повикана и амбасадорката на Северна Македонија, Агнеза Руси-Поповска, на која ќе и биде врачена протестна нота.
Македонското Министерство за надворешни работи синоќа го осуди оштетувањето на стаклото на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид кое се случило вчера, оценувајќи го како вандалски чин.
-Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава, се наведува во реакцијата за МНР.