Згрозеност, осуда, револт, барање за одговорност и најстроги затворски казни и најави за протест. Јавноста е огорчена од наводите и грозоморноста на криминалот на Клиниката за онкологија, политичките партии бараат расчистување на скандалот и идентификување на сторилелите, објавува Телма во својот прилог.
Премиерот Ковачевски смета дека станува збор за грозни наводи за криминал и нагласи дека одговорност ќе има и ќе биде прецизно идентификувана а надлжените институции имаат потполна поддршка во расчистување на скандалот.
Тој најави дека ќе има оставки без да прецизира од кого ќе бидат побарани но и побара од јавноста да се воздржи од нападите врз лекарската фела потенцирајќи дека во овој скандал одговорноста има име и презиме.
Поранешниот министер за здрваство Беким Сали, кој побара ревизија на работењето на Онкологија, не одговори на повиците и испратените пораки на неговиот телефон.
На социјалните мрежи веќе се споделуваат сведоштва на граѓани за третман на нивни блиски кои ја загубиле битката со болеста со сомнежи дека имало манипулации со терапијата а се побројни се повици за протести со барања за одговорност и најстроги затворски казни.
Од Лекарската комора изразија загриженост поради наводите за залоупотреби со терапија на пациентите, дадоа поддршка на институциите во расчистување на скандалот и побараа да се идентификуваат виновниците бидејќи на Клиниката за Онкологија има чесни здравствени работници кои своесно ги извршуваат работните задачи.
Државните ревизори во април годинава го објавија извештајот за работата на Клиниката за 2021 година во кој се нотирани пропусти при набавка на биолошка терапија, акцелератор кој фаќа прав, монополски тендери, лошо планирање на системот за приклучување на пациенти на терапијата, пречекорување на Буџетот за над 10 милиони евра и ненаплатени долгови од речиси 3,5 милиони евра. Во процесот на терапирање на пациентите, ревизорите утврдиле дека во 2021 година немало протокол и докторите одлучувале кој ќе добие биолошка терапија без да се провери залихата на терапијата и дали има доволно за пациентите кои веќе се поставени на оваа терапија што подоцна било корегирано.
Во март годинава медицинска сестра од дневната болница на Клиниката украде дваесетина ампули од различни видови цитостатици вредни неколку илјади евра и откако беше фатена преку видео-надзорот се предозира со апчиња и беше хоспитализирана на Клиниката за токсикологија.
Случајот Онкологија предизвика и партиски реакции па така од владеачката СДСМ им дадоа поддршка на институциите за расчистување на случајот и повикаа да нема сензационализам и етикетирање на сите доктори и медицински персонал. Од ВМРО – ДПМНЕ соопштија дека тие предупредиле за случајот уште пред две години и најавија политичка и кривична одговорност додека ЛДП пак соопштија дека мора да се идентификуваат лицата одговорни за злоупотребите на Онкологија.