Не трпам директори кои не плаќале струја, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Тој додаде дека државата ќе мора да им ги покрие долговите за струја на некои институции што имале објективни причини за тоа, но не и на институции кај кои не постојат такви причини.
– Не ми е сфатливо како може со години да не се плати струја тоа е недомаќинско, раскалашено однесување на дел од директорите на тие институции. Кај дел има и објективни фактори, на пример здравствените институции кои беа оптоварени со многу трошоци во текот на корона кризата. Државата ќе мора да ги покрие трошоците на некои клучни институции, другите кај кои не постојат објективни причини за неплаќање на сметките ќе бидат повикани на одговорност. Ако ние имаме енергетска криза две години, а тие имаат неплатени сметки три години, тогаш енергетската криза не влијаела. Не трпам директори кои не плаќале струја затоа што сметале дека нивните институции не можат да останат без струја само затоа што се од витално значење, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.