Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на граѓанската трибина „Силно и одлучно кон иднината“ во Гостивар зборуваше за државната економија и напорите на Владата во надминување на кризата, при што, меѓу другото, нагласи дека наредната година ќе биде далеку подобро и за тоа е потребно заедништво.
-Како човек кој 22 години работи менаџмент, кој добро ги познава финансиите и економијата, ви велам дека наредната година ќе биде подобро и заедно ќе успееме во тоа. Заедно ќе ја победиме и кризата наметнатата од глобалните последици поради воената агресија врз Украина, рече Ковачевски.
Тој напомена дека владините политики и антикризните мерки се веќе видливи и ги дале резултатите. Тоа според Ковачевски се должи на одговорно менаџирање со народните пари.
-Ја спасивме економијата со два огромни пакети антикризни мерки вредни 760 милиони евра. Тоа споредно со БДП на останатите во регионот е најголем износ, а тоа го потврдија и од Светската банка. Во време на голема криза, успеавме да обезбедиме и зголемување на платите, на пензиите и силно да ги поддржиме ранливите граѓани и компаниите. Реков дека никој нема да биде оставен сам и никој не е оставен сам, потенцираше Ковачевски.