Засега немаме јасна изјава од Алијансата на Албанците (АА) дали се заинтересирани за вклучување во владината коалиција, изјави вечерва министерот за здравство и потпретседател на партијата Алтернатива, Беким Сали во интервју на Алсат М телевизија, коментирајќи ги информации за евентуален влез на АА во Владата.

– Кои се околностите и причините за проширувањето на ова мнозинство? Дали е тоа смирување на „огнената група“ во ДУИ, бидејќи немаме јасна изјава од Алијансата дали се заинтересирани и поради која причина би можеле да бидат дел од парламентарното мнозинство. Имајќи предвид дека рекоа оти ќе поддржат секоја промена која е во интерес на евроинтеграциите, рече Сали.

Тој нагласи дека би било добро АА да се изјасни за ова прашање за да не биде дел од играта на „првиот човек на ДУИ за да се смири „огнената група““.

Запрашан дали ќе поднесе оставка, откако тоа вчера од него го побараа негови сопартијци, Сали одговори дека именувањата и разрешувањата се во надлежност Централното собрание на Алтернатива, а не поединци.

– Именувањата и разрешувањата ги прави Централното собрание на партијата, а не одредени поединци кои поради неостварување на своите амбиции бараат разрешување на висок функционер, рече Сали.