Реахбилитацијата и зафатите на Коридорот 8, железничката пруга која ја поврзува Македонија и Бугарија, стануваат реалност. Со посветена соработка градиме наша заедничка иднина, обезбедуваме можност за стопанството, бизнис заедницата, вложуваме во функционално модерно железничко поврзување, вложуваме во поврзување на целиот овој регион.
Ова денеска го порача премиерот Димитар Ковачевски на продолжувањето на изградбата на пругата кон Бугарија, кај местото Шупли Камен во близина на Куманово, на која присуствуваа и премиерот на Бугарија Галаб Донев, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на ЈП „ЖРСМ Инфраструктура“ Хари Локвенец, амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир и директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Анди Аранитаси.
-Оваа инвестиција на С. Македонија отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата Бургас и Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија, што е од исклучителна важност за нашата економија, но и генерално за соработката во регионот во целина, како и соработка на регионот со други региони во Европа.
Оваа економска енергетска криза со која што се соочуваме, посочи премиерот, ни предочи многу јасно колку е важна регионалната соработка и поврзаност и секако добрососедството. Оваа долго очекувана пруга, рече тој, очекувам покрај забрзан економски развој и на земјата и на регионот да придонесе и кон подобрување токму на регионалното поврзување и регионалната соработка.
Бугарскиот премиер Галaб Донев, на почетокот на изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, порача дека тој е важен за сите три земји, како за Бугарија, така и за Албанија и Македонија и дека без сомнеж ќе придонесе за додадена вредност на развојот на целиот наш регион.
-Коридорот 8 беше желба на многу генерации од двете страни на границата како клучна врска меѓу граѓаните и бизнис секторот од трите земји Бугарија, Северна Македонија и Албанија, изјави Донев.
Изградбата на Коридорот 8, кој поврзува три земји сојузници на НАТО, посочи Донев, е од интерес и за заедничката регионална безбедност, но истовремено ќе придонесе и за зголемување на трговската и стокова размена меѓи земјите.
Задоволство е што еден од овие проекти започнува сега, со помош на Европската Унија. Годината пред нас ќе биде исполнета со инфраструктурни работи, но и ќе ги подобри квалитетите на животот на луѓето, порача првиот вице-премиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
Порача дека ќе има работа за сите и посака успешна работа и целосно завршување на железницата за кратко време.
Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, ова претставува отворање на ново поглавје во изградбата на македонската инфраструктура и дека визијата за европска држава не е повеќе желба, бидејќи, како што рече, овој проект е дел од европската перспектива за развој и просперитет на државата.
-Успехот е заеднички, покажавме упорност, одлучност и ја започнуваме најголемата инвестиција во железничката инфрастукруа во независна Македонија од 1991 година до денес, во вредност од 200 милиони евра, вели Бочварски.
Додава дека се исправени пред голем предизвик за завршување на Коридорот 8 и оската Исток-запад како дел од пан-европските коридори.
-Изградбата на оваа железничка линија од Куманово до Крива Паланка и во следната фаза од К. Паланка до Бугарија е инвестиција од над 600 милиони евра и претставува сериозен чекор во развојот на регионалната железничка инфраструктура, вели министерот.
Евроамбасадор Дејвид Гир, порача дека ова е вистински стратешка иницијатива што ќе помогне да се промовира регионалната трговија, да се намали времето на патување и да се поттикне одржлив економски раст што ќе донесе голема корист за граѓаните и претпријатијата од регионот.
-Иницијативата практично ќе ги помогне и нашите напори за добрососедски односи и за остварување на климатските цели и загадувањето. ЕК и ЕБОР ќе инвестираат повеќе од милијарда евра во проширувањето на железничката линија од С. Македонија до Бугарија и ова е убедливо најголемата инвестиција што ЕУ ја направила во оваа држава, изјави Гир.
Анди Аранитаси од Европската банка за обнова и развој, нагласи дека железницата е еден од врвните приоритети на ЕБОР на Западен Балкан ќе продолжат со слични инвестиции и во иднина.
-ЕБОР е најголем давател на финансии за С. Македонија и досега се дадени повеќе од 1,1 милијарада евра, но железницата е во нашето срце и досега се дадени 250 милиони евра и ќе дадеме уште 100 милини за делот од Крива Паланка до границата со Бугарија, а ќе ја поддржиме и изградбата на западниот дел од Кичево, изјави Аранитаси.
Повторната изградба опфаќа работа на првите две од трите проектирани делници на источното крило на железничкиот Коридор 8, во вкупна должина од 88,2 километри (од Куманово до Бељаковце – 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка – 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија – 24 километри).
– Делницата Бељаковце – Крива Паланка се гради со финансиска помош на ЕУ обезбедена преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ). Грантот финансиран од ЕУ-ВБИФ од 75 милиони евра, дополнет со национален придонес од 1 милион евра, е доделен за да се доближи овој железнички дел до современите стандарди. Работите ќе се изведуваат од октомври 2022 година до крајот на 2025 година и опфаќаат тунели во должина од 5,5 километри, железнички мостови, над и подвозници, железнички станици и стојалишта, како и нов систем за сигнализација и телекомуникација. Дополнителен грант финансиран од ЕУ од 210 милиони евра е во план за завршување на источниот крај на железничкиот Коридор 8 до границата со Бугарија, информираше Канцеларијата на ЕУ во Скопје во пресрет на денешните активности.
Изградбата на пругата кон Бугарија е почната во 1994 година, од кога се одвојувани пари од државните буџети до 2004 година, кога првпат се стопирани активностите. По речиси децениски застој на градежните работи, во март 2014 година почна обновата на изградените тунели и мостови и градба на новите делови согласно со проектот на првата делница. Со договорот со тогашниот изведувач – германски „Вибе“, беше предвидено пругата да се изгради до септември 2017 година, но поради проблеми при изведбата, претежно од имотно правен карактер беше потпишан анкес со рок за изградба до февруари 2020 година, по што во јуни 2020 година работите беа прекинати со реализирани 54 проценти, а државата најави арбитражна постапка. Во февруари лани ЈП МЖ Инфраструктура преку Европската банка за обнова и развој распиша нов тендер во кој ги спои првите две делници. Тендерската постапка се заокружи со изборот на новите изведувачи „Ѓулермак“ и „Штрабаг“ и потпишување договор во јули годинава.