Како продолжение на Саемот на вино, храна и туризам кој од 1 до 4 септември се одржува во Белград, Владата на Македонија на 7 септември, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, организира и регионален Фестивал на храна и вино во Струмица.

Овој фестивал на вино и храна се одржува во соработка со Егзит во чија организација е и веќе најавениот музички хепенинг Get EXITed каде покрај богатата музичка програма, ќе биде понудена и специфична и интересна етно-гастрономска програма.

Фестивалот на храна и вино бесплатно ќе биде отворен за сите посетители и ќе се одржи во Градскиот парк во Струмица, а ќе ги понуди најдобрите регионални и локални винарии, регионални изложувачи на храна како и произведувачи на традиционални органски специјалитети од македонската кујна. Присутни ќе бидат најдобрите готвачи од најпознатите струмички ресторани и учениците од Средното кулинарско училиште кои заедно ќе спремаат локални специјалитети.

Спојот на вино, храна и музика е дефиниција за незаборавна забава. На фестивалот со врвна винска и гастрономска содржина, а во соработка со музичкиот хепенинг Get EXITed планирана е попладневна програма проследена со концерти кои ќе траат од 18 до 21 часот.

Организацијата е на Владата што ја предводи актуелниот премиер Димитар Ковачевски, а настанот во родниот град на неговиот претходник, бившиот премиер и бивш лидер на СДСМ, Зоран Заев.