И владејачките партии и опозицијата најавуваат победа на парламентарните избори на 8 мај, а предизборната атмосфера дополнително се загрева пред изборот на техничката влада во недела на 28 јануари. Претседателските избори засега се во сенка на актуелниот момент. Евроамбасадорот Дејвид Гир на настан во Скопје ги потсети политичките партии дека треба да понудат јасен избор на електоратот, да се спречи поларизација и дезинформации.
-Секоја политичка партија има право да одлучува како ќе настапува на изборите. Но, на 8 мај СДСМ ќе формира влада со јасна европска визија што ќе ја внесе земјата во ЕУ до 2030 година, истакна синоќа премиерот во оставка Димитар Ковачевски.
Очекуваме, додаде тој, на наредните парламентарни избори да имаме над 61 пратеник и ќе ја формираме новата проевропска влада.
Ковачевски потенцира дека најдобрата анкета доаѓа на денот на избори и очекува на наредните парламентарни избори да имаат над 61 пратеник.
-Најдобрата анкета секогаш доаѓа на денот на избори. Така беше и во 2020 година кога ВМРО-ДПМНЕ покажуваше анкети на кои водат 7 проценти и на крај ги изгубија изборите. И доколку ги погледнете анкетите, граѓаните знаат да препознаат дека во нашата држава демократијата е драстично подобрена и унапредена во однос на 2016 година. Граѓаните во анкетите јасно покажуваат дека Владата има воведено правилни методологии за раст на платите и пензиите. Очекувам на наредните парламентарни избори да имаме над 61 пратеник и ќе ја формираме новата проевропска влада. СДСМ со коалициските партнери и коалициските партнери со кои ја формираат владата може да има и над 70 пратеници. Визијата за европска Македонија ја делиме сите кои сме во оваа владина коалиција, рече тој
Дали коалицијата ќе биде од традиционалните коалициски партнери со кои СДСМ оди на избори или ќе се работи за една поширока коалиција, Ковачевски потенцира дека тоа ќе зависи од анализите кои се базираат на емпириски податоци и во однос на усогласување на програмските определби и кадровската понуда.
Ковачевски откри дека досега не разговарал со албанската опозиција за кандидат за претседател на државата, како и дека освен Пендаровски, Шекеринска и Спасовски, се „вртат“ и други имиња, но за тоа ќе се разговара и ќе се одлучува во партијата и со коалициските партнери.
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски синоќа во телевизиско интервју изјави според анкетите и сондажите од терен ВМРО-ДПМНЕ ќе има приближно два пати повеќе пратеници во споредба со СДСМ.
-Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во позиција да одбере коалиционен партнер врз основа на тоа што ќе го понудиме како програмски определби за подобрување на состојбите во Македонија, појасни Милошоски.
Тој додаде дека политичка цел на ВМРО-ДПМНЕ е да има сериозна граѓанска изборна поддршка за да може да биде независна и да формира Влада без ДУИ.
-И затоа сметам дека ликови како Талат Џафери, Рамиз Мерко, Артан Груби и други не би имале место во било каква Влада, нагласи Милошоски.
Смета дека министрите од ВМРО-ДПМНЕ нема да имаат лесна задача во техничката влада и оти тие се таму за да обезбедат подобар изборен процес, не се да дадат легитимитет на ДУИ и СДСМ, туку што побрзо ДУИ и СДСМ да заминат во историјата според волјата на избирачите.
За гласањето на техничката влада, Милошоски посочи дека Џафери не заслужува да биде гласан затоа што во Собранието досега покажа дека за него не важат ни Деловник ни закони. Техничките министри ќе учествуваат на седниците на Владата.
Лидерот на политичката партија Алијанса за Албанците, Арбен Таравари за можно коалицирање на претстојните избори со ДУИ, на настан во Гостивар одговори дека конечниот став ќе биде познат за неколку дена. Иако лично не го посакува, сепак, како што рече ќе го почитува конечниот партиски став.
– Наскоро ќе го соопштиме нашиот став, со оглед дека нé газат роковите. Верувам дека следната недела ќе има одлука. Ние имаме одлука на партиското претседателство која е актуелна, но партиското собрание може да донесе друга одлука. Пред четири месеци рековме дека сами ќе одиме на избори, но ќе ги видиме околностите, ги слушаме и препораките. Конечната одлука се носи во Собранието, која можеби ќе биде потврдена, а може и не. Јас ќе ја почитувам одлуката, како и секогаш досега, рече Таравари.
Според неговите предвидувања, за ова прашање ќе има одоговор во наредниве четири до пет дена.
Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера на настан во Скопје порача дека наративот е да имаме добри демократски избори во Македонија, дека минатото изборно досие е многу успешно и оти се надева дека различните политички партии и различните кандидати ќе понудат јасен избор на електоратот.
– Апсолутно треба да се спречи таа поларизација и дезинформации и да работиме на мирни, колаборативни изборни процеси што ќе бидат една успешна сторија, без разлика кој ќе победи на изборите, рече Гир на настанот организиран од Европското движење на кој беа презентирани приоритетите на белгиското претседателство со ЕУ од страна на амбасадорот на Белгија во С. Македонија со седиште во Софија, Фредерик Мерис.
Гир истакна дека многу од приоритетите на белгиското претседавање се многу важни и во Македонија, како на пример како се справуваме со зелената транзиција, владеење на правото, социјалната транзиција…
-Изборите ќе доведат до формирање нова влада и таа ќе мора да се справи со сите овие приоритети и предизвици. Граѓаните ќе очекуваат резултати во справувањето со борбата против корупцијата, правната држава, реформата на јавната администрација ќе биде главен проблем на секоја влада што ќе дојде. Имаме неколку патокази за реформите во правосудниот сектор, реформите во јавната и државната администација, имаме извештај од скринингот, каде што се детектирани различни проблеми, како и оценувачка мисија од ЕК. Сето тоа се очекувања дека треба да се оди напред, нагласи Гир.
Евроамбасадорот повторно потенцираше дека апсолутно е непходен фокус на реформите во земјава.
Напомена дека секое одлагање на евроитегративниот пат на Македонија има последици по земјата и по регионот и посебно се ризикуваат досегашните достигнување на земјата во кои што меѓународната заедница инвестираше.
Фото: МИА Архива