Минатата година реализиравме 79 отсто од капиталните инвестиции и со истото темпо продолжуваме и оваа година, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

– Патиштата имаат значаен удел во овие инвестиции. До крајот на мандатот во 2024 година моја цел како премиер и на оваа Влада е да имаме модерни и безбедни патишта што ќе значат побрзо движење, но и силна и развиена економија, изјави Ковачевски за време на увидот во изградба на експресниот пат Градско–Прилеп.

Тој истакна дека согласно анализите, ефикасноста на Владата во делот на реализација на капиталните инвестиции е одлична дури и во време на криза.

Премиерот, како што е наведено во соопштението од владината прес-служба, додаде дека инфраструктурните капитални инвестиции помагаат да се одржи економската стабилност, да се обезбеди повисока продуктивност и вработувања, да се намалат производните и транспортните трошоци за компаниите и да се зголеми квалитетот на живот на граѓаните.

-Наша цел е С. Македонија да продолжи да се гради и поврзува со квалитетна, безбедна и модерна патна инфраструктура. Од почетокот на мандатот, оваа Влада изгради и реконструираше над 1.000 километри патишта. Со сите инвестиции, граѓаните патуваат полесно и побезбедно, а компаниите побрзо и поефикасно ги транспортираат своите производи и придонесуваат во економскиот развој на земјата. Економската криза со која се соочуваме налага уште поголем фокус и побрза реализација на капиталните инвестиции. Добро е познато дека во криза најважно е да се вложува токму во инфраструктурата, бидејќи градежништвото е мотор на економијата. Затоа како Влада сме фокусирани за уште поголема ефикасност во реализација на инфраструктурните проекти, изјави премиерот Ковачевски.