Вистинскиот лидер се грижи повеќе за другите отколку за себе и својот личен интерес, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска при обраќањето на завршниот настан на Политичката академија за социјална демократија во организација на Прогрес институтот.
Ковачевски им честиташе на учесниците на академијата, како шанса за проширување на нивното знаење, и се осврна на претстојните предизвици пред кои е исправена државата.
Пред присутните, Ковачевски порача дека младите социјалдемократи треба да бидат активни и гласни, да бидат што повеќе вклучени во процесите на креирање и реализација на квалитетни младински политики.
– Како млади луѓе треба да ја насочите енергијата и креативноста да се борите против неправдата во општеството. Сржта на добрите социјалдемократски политики и одлика на лидерите е битката за еднаквост, за еднаква шанса да добие секој човек, за да се помогне на немоќниот и обесправениот. Вистинскиот лидер се грижи повеќе за другите отколку за себе и својот личен интерес. Гласно кажувајте ги вашите предлози, идеи, желби за промена, подобрување и унапредување во средината во која делувате, но и преземете акција која ќе ги мотивира и другите да ви се приклучат, порача Ковачевски.
Претседателот Ковачевски истакна дека во СДСМ следува период на промени и дека во тие промени сериозно смета и младите социјалдемократи.
-СДСМ во периодот кој следи мора да се менува а вие мора да бидете носители на таа промена. Има многу работа пред нас, за да ги промениме работите, но тоа почнува од промената на самите себе. Младината е можеби и најважниот дел од едно општество и должна е да ја обликува сегашноста, но и иднината во тоа општество. Младината не смее да седи на страна и чека туку да преземе акција, да го дигне гласот и да се бори за својата иднина. Гласот на младите и нивните потреби е глас кој јас како лидер ќе го слушам, заклучи претседателот Ковачевски.
Извор: Центар за односи со јавноста на СДСМ