Марјан Забрчанец сè уште работи во Владата, зема плата од Буџетот и сè уште е главен за владината пропаганда. Затоа, по вчерашното писмо на Бојан Јовановски Боки-13 до Заев, Забрчанец е должен да одговори дали на дневна основа комуницирал со Бојан Јовановски, додека овој беше сопственик на 1ТВ? Дали Забрчанец му испраќал текстови и линкови по сто пати, како што вели Бојан Јовановски, тие да бидат објавени како содржини на телевизија, прашува Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера Бојан Јовановски, поранешен сопственик на 1ТВ, директно го посочи Марјан Забрчанец дека тој ги пишувал текстовите и испраќал содржина за вестите на 1ТВ. По 100 пати ми испраќаше текстови и линкови кои мораа да бидат пласирани во етер, напиша Боки-13 во вчерашното писмо до Заев.

– Бојан Јовановски беше сопственик на телевизија на чие што крунисување присуствуваше цела Влада, обвинителство, судство, со еден збор – цело СДСМ. И Јовановски вчера директно посочи дека всушност, содржината на вестите во таа телевизија биле пишувани и уредувани од Владата. Уште повеќе, Бојан Јовановски во отвореното писмо до Зоран Заев наведува за, цитирам – „оние што ги плаќате да ви веруваат и да ве бранат“, како и за, повторно ќе цитирам – „платена пропаганда од твои новинари кои ги раководи Марјан Забрчанец, рече Стоилковски.

Ова, додаде тој, е сериозно обвинување, имајќи предвид за видот, за содржината, за темите и за учесниците во емисиите, но и за уредничкиот состав на таа телевизија, во која секојдневно гостуваа највисокиот државно политички врв, членови на СДСМ.

– Дали Марјан Забрчанец го раководел Јовановски како што тој сам вели и со тоа ја раководел и 1ТВ? Дали Марјан Забрчанец има листа со новинари коишто ги раководи онака како што пишува Бојан Јовановски? Ова е сериозно обвинување од сопственик на медиум за чија што близина со членови и врвот на СДСМ, членови од државниот, правосудниот и политичкиот врв е неспорна за кого било во државата. Забрчанец, лице од владините служби, е должен да одговори, прво како владин службеник, а потоа и заради кредибилитетот на медиумскиот простор во којшто и денеска свое место имаат новинарите од уредничкиот колегиум на некогашната 1ТВ. Евентуалниот молк на Марјан Забрчанец на овие прашања ќе го отворат и прашањето за политичко-судско-обвинителскиот притисок врз новинари и медиуми водени од луѓе кои не се дел од оние, ќе се послужам со зборовите на Бојан Јовановски, „кои ги плаќате да ви веруваат и да ве бранат“, како и, „твои новинари кои што ги раководи Марјан Забрчанец“. Марјан Забрчанец не смее да молчи по ваква прозивка од сопственик на, според Зоран Заев, провладина телевизија, рече Стоилковски на денешната прес конференција.

Видеото од целата денешна прес-прес конференција на портпаролот Стоилковски може да го погледате ТУКА.