Техничката влада кај нас е светски феномен, што не постои никаде во свет и сметам дека би бил уште еден светски феномен влада што е задолжена за да организира избори ако успее да падне, изјави лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, нагласувајќи дека според него тоа нема да се случи и дека техничката влада ќе успее да организира фер и демократски избори.
Ковачевски, исто така, посочи дека имаме неколку феномени во државата, како што се техничката влада, СЈО и ОТА, а кои, како што вели се резултата на начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ до 2016 година.
– Еден феномен е техничката или Пржинска влада, втор феномен е СЈО, кое што веќе не постои и трет феномен е ОТА, што никаде во свет ја нема и тоа е се резултат на начинот на кој што владееше ВМРО-ДПМНЕ до 2016 година, изјави Ковачевски по средбата во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.
Техничката Влада, според Ковачевски, ќе успее нормално да ги менаџира работите до одржувањето на изборите, посочувајќи го како примери тоа што вчера, како што рече на предлог на министрите од СДСМ беше решен проблемот со Фондот за здравствено осигурување.
Во однос на обвинувањата на министрите од Алијанса за Албанците, Алиу и Меџити за вчерашната седница на Влада, Ковачевски рече дека не може да коментира нешто на што не присуствувал и дека за се што се случува на Влада, треба прво да се праша техничкиот премиер, а за динамиката во секоја политичка партија, органите на партиите.
-Вчера имав разговор со министерот Алиу, имав разговор и Таравари. Кажав дека внатрешните односи и динамика во секоја политичка партија се решаваат во самата политичка партија, изјави Ковачевски.
Прашан дали го одобрува разрешувањето на двајцата директори од АА, Ковачевски рече, дека треба да се видат сите разрешувања како се правени, посочувајќи дека тој не го одобрил ниту разрешувањето што го направи министерот Меџити на директорката на Инфективна клиника, и дека од тој аспект не би ги коментирал разрешувањата што ги прави Владата.
-Доколку партија која членува во Влада побара нејзини членови на Влада да бидат заменети со други, тогаш нормално дека тие што се во парламент тоа ќе го предложат. Тоа се случувало и од страна на други партии, кои што имале свои претставници во Влада, па потоа предложувале други. Тоа е сепак барање на самите политички партии.
Ковачевски, посочи дека имал одлична соработка со сите министри, со оглед, на како што нагласи, дека во Владата се работи професионално.
– Јас не водев техничка влада, јас водев влада што две години менаџираше криза. Во текот на една година од тој мандат учествуваше и Алијанса за Албанците, изјави Ковачевски.
Фото: МИА