Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска порача дека загрижува слабата имплементација на препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Тој потенцираше дека сите препораки на ДКСК како и на Државниот ревизор не се тајни, туку се јавно достапни и граѓаните очекуваат истите да бидат доследно имплементирани.

-Работата на ДКСК е од огромна важност затоа што покажа загриженост и покрена прашања кои ги тангираат и граѓаните и институциите. Вистина е дека сите тие препораки кои што произлегуваат од ДКСК, а се неимплементирани е загрижувачки за сите нас, изјави Гир за време на донацијата на амбулантни возила на скопската Итна помош, во одговор на новинарско прашање.

Тој подвлече дека низ текот на годините опаѓа процентот на имплементацијата на препораките кои произлегуваат од ДКСК.

-Ако ги разгледате сите препораки кои произлегуваат од ДКСК, како и процентот на нивна имплементација низ текот на годините, ќе забележите дека од 20 отсто паѓаат на 10 отсто, па се до неодамна на 14 отсто. Тоа навистина е многу разочарувачки и со право граѓаните очекуваат да има висока имплементација на нивните препораки. Сите препораки кои што произлегуваат од извештајот на Државниот ревизор и на ДКСК не се тајни. Тие се јавно достапни и ние но и граѓаните очекуваат да бидат доследно имплементирани, додаде Гир.

Евроамбасадорот Гир на новинарско прашање во врска со актуелните случувања во Алијансата за Албанците посочи дека не може да коментира прашања кои се поврзани со внатрешна политика, ниту пак за случувањата во самите политичките партии.

-Јас не можам да коментирам за прашања кои се поврзани со внатрешна политика, ниту пак прашања поврзани со случувањата во политичките партии, изјави Гир.

На прашање зошто средбата со претседателот на ДУИ Али Ахмети во декември се одржала во просториите на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Гир рече дека ја признава грешката.

-Се разбира дека понекогаш луѓето грешат. Јас направив грешка затоа што средбата се одржа во просториите на Министерството за политички систем, тоа се институции во кои треба да се одржат состаноци кои ја засегаат само Владата. Ја признавам грешката, додаде Гир.

Фото: МИА архива