Последните 5 години имаме историски највисоки откупни цени на тутунот, вели премиерот Димитар Ковачевски и додава дека е горд на успехот.

– Тутунопроизводителите ни се исклучително важни. Од оваа гранка егзистираат речиси 20.000 семејства и таа носи околу 120 милиони евра девизен прилив годишно во македонската економија. Со гордост информирам дека во моментов просечната откупна цена на тутунот е 252,80 ден за килограм а споредено со 2021 година е повисока за 26,12%. Последните 5 години имаме историски највисоки откупни цени на тутунот. Споредено со 2014 година откупната цена била 117, 20 денари за килограм, за оваа 2022 година, цената е повисока за 115,7 %. Со сите дополнителни мерки ние покажуваме што значи сериозна посветеност на една држава кон земјоделските производители, објави Ковачевски на својот официјален профил на Фејсбук.

Но, Ковачевски во неговата математика пропушта да каже колку чинел килограм леб за тутунарите во 2014 година, која ја зема за споредба со годинава.

Тутунарите тоа најдобро го знаат и чувствуваат, а цената на тутунарскиот леб во 2014 година била три-четири пати пониска од денешната. И, тутунарите не живеат само од леб, па Ковачевски треба да каже и тоа колку била цената на нафтата за тракторите со кои орале тутунарите во 2014 и колку е денес. И цената на храната, струјата за машините за нижење, инфлацијата… Но, тоа не се факти за гордеење на Ковачевски!

(Д. Г.)