Бившиот премиер и актуелен лидер на СДСМ и натаму на митинзите го употребува името Македонија без придавката „северна“ и ветува дека деноноќно ќе работат за граѓаните да живеат европски, а децата да не им бегаат во странство.
– Единствено влезот во ЕУ е гаранција за европски животен стандард и врвни реформи. Заедно со нашиот претседател Стево Пендаровски нема да се откажеме од европската иднина, имаме визија и јасен план за Македонија – земја членка на ЕУ. Ќе работиме ден и ноќ да ги исполниме очекувањата на мнозинството граѓани да живеат во европска Македонија, земја членка на ЕУ, а децата да им останат, тука, дома. Европскиот пат е единствениот пат кон подобро образование, подобро здравство, подобро владеење на правото, за сузбивање на корупција, за држава по европски стандарди што ја сакаат и што ја заслужуваат граѓаните, вели Ковачевски.
Одиме, додава тој во објавата на Фејсбук, на нова двојна победа!
– Победа на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, победа на Стево Пендаровски и на европска Македонија. Победата почнува со нашиот претседател, Стево Пендаровски, пишува Ковачевски во објавата на неговиот официјален профил на Фејсбук.
Ковачевски го употребува името Македонија без „северна“, а како што деновиве објави грчкиот весник Катимерини, тој изразил загриженост поради тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не го употребувал називот „Република Северна Македонија“.
(Д. Г.)