Лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија изјави дека доколку биде избран за премиер ќе ја нарекува земјата единствено како „Македонија“, без оглед на Договорот од Преспа од 2018 година со кој се реши спорот со Грција за името на земјата, пишува грчки „Катимерини“.

Грчкиот весник забележува дека во неодамнешната телевизиска дебата меѓу Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски, Мицкоски го користел уставното име на земјата.

– За мене Македонија е и ќе остане Македонија. Моите предци би биле горди на мене за она што го правам за мојот народ и за мојата земја –  ги цитира „Катимерини“ зборовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Весникот забележува и дека лидерот на СДСМ Ковачевски во дуелот изразил загриженост дека Мицкоски одбива да го користи името „Северна Македонија“.

-Ковачевски рече дека ова одбивање може да предизвика проблеми со Договорот од Преспа од 2018 година, со кој, со поддршка на Обединетите Нации, земјата го смени името од Поранешна Југословенска Република Македонија во Северна Македонија, пишува весникот.

„Катимерини“ пишува и дека последните анкети покажуваат водство на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори, кои се совпаѓаат со вториот круг од претседателските избори во земјата, каде актуелниот претседател и кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, ќе се соочи со Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ.