Националниот совет за евроинтеграции во Собранието да расправа за сите реформи што ќе се спроведуваат за време на процесот на преговори, побара денеска уште еднаш премиерот Димитар Ковачевски, посочувајќи дека овој Совет е воден од опозицијата и дека сите партии треба да бидат вклучени во овој процес.

-Собранието и сите политички партии треба да бидат вклучени во носењето на реформите на патот на зачленување во Европската Унија бидејќи тој пат ќе вклучува многу реформи и кажав дека во Собранието треба да има тело, кое што ќе ги расправа сите тие реформи и дека најсоодветно тело за тоа е Националниот совет за европски прашања, кој што е воден од опозицијата, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Градската општа болница „8-ми Септември“.

Премиерот кажа дека дури и пред почетокот на скринингот со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и со главниот советник на нашиот преговарачки тим, поранешниот преговарач на Хрватска и претставник на Хрватска во ЕУ и во ОН се согласиле дека такво тело е токму Националниот совет за евроинтеграции. Нормално, додаде тој, собраниските комисии за надворешна политика и за европски прашања ќе си ги имаат своите улоги согласно надлежностите и Деловникот на Собранието.