Не е точно дека Владата коленичи за да моли меѓународни фактори да дојдат во Македонија за да се изврши притисок некои пратеници да гласаат за уставни измени, рече премиерот Димитар Ковачевски по средбата со заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар.
– Денес високиот претставник на САД, Ескобар е тука, не е негова прва ниту последна посета. Во име на тоа пријателство е средбата денес за која разговаравме што сме постигнале досега и што е она што можеме да го направиме во иднина. Да не заборавиме дека ние сме ценета членка на НАТО. САД е најголем поддржувач на Македонија и во нејзините интеграции. Разговаравме пред се за процесот за почнување на уставните измени кој ЕУ и САД го сметаат за клучен и важен чекор на патот кон ЕУ. Ова е истиот став со ставот на коалицијата предводена од СДСМ и исто со ставот на над 80 отсто од македонските граѓани кои сакаат да бидат дел од Европската унија, рече Ковачевски.
За Ковачевски билатералните односи со Бугарија се билатерални и нема да влијаат на процесот на евроинтеграции и, според Ковачевски, нови барања во преговарачката рамка не можело да има.
– Јасна е и пораката од САД која ја добивме по членството во НАТО, Македонија треба да стане членка на ЕУ, бидејќи ЕУ е наша единствена алтернатива. Тоа е барање на граѓаните, сакаат децата да им останат дома и да си ја градат европската иднина, сакаат интеграција, а не изолација. Гледајќи низ историјата колку тешки одлуки сме носеле, убеден сум дека ќе излеземе и овојпат како победници, рече Ковачевски.