Премиерот Димитар Ковачевски, во името на Владата и во свое име, упати телеграма со честитки во чест на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, до ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски, до деканите, продеканите, професорите, сенаторите и до студентите.
– Овој наш прв државен универзитет во земјава, еден од столбовите на македонската државност, продолжувач на просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј и нивните наследници, втемелени во создавањето на македонската писменост бил, е, и останува да биде стожер на културнообразовната и научната мисла и патоказ за развитокот на нашата држава“, изјави Ковачевски.
Во писмото до ректорот премиерот нагласува дека денес прогресивната, културно-образовната и научната мисла, повеќе од кога и да било е потребна за натамошниот напредок на Република Македонија.
– Низ заедничката соработка, достоинствено го заштитивме нашиот македонски јазик и го поставивме на еднакво рамниште со официјалните јазици во Европската Унија. Државата е на вистинскиот колосек. Ги отворивме перспективите преку почетокот на преговорите со ЕУ, што им се потребни на сите граѓани и на општеството, како и шансите за европски квалитет на образование. Ја унапредивме и регионалната соработка преку иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес, стои во телеграмата од Ковачевски до Универзитетот.
Тој порачува дека е потребно да продолжиме да се движиме напред.
– По примерот на светите браќа Кирил и Методиј, темелници на интеркултурализмот, посветени сме на обединувањето во општественото живеење, како и во европското семејство. Светите браќа Кирил и Методиј нè задолжија да создаваме генерации кои се подготвени храбро да ги бранат и негуваат вредностите на својот народ, негувајќи го интеркултурализмот како цивилизациска придобивка. Затоа, благодарам што сме заедно по овој зацртан пат. Образованието е еден од главните темели за развиено, модерно, европско општество какво што се стремиме да биде РС Македонија и очекувам дека со заедничките напори ќе ја оствариме оваа цел, во името на добрата иднина на сегашните и на идните генерации, напиша премиерот Ковачевски во телеграмата до ректорот Јанкуловски.
Ковачевски по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители,светите браќа Кирил и Методиј, испрати телеграма со честитки до архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан, членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ценетото свештенство и монаштво, како и до сите православни верници во нашата земја.
Toj, во честитката, го нагласил огромното значење на сесловенските просветители Кирил и Методиј во создавањето на првото словенско писмо во коешто се наоѓаат корените и на македонската писменост.
– Празникот 24 Мај секоја година го осветлува епохалното дело на светите браќа Кирил и Методиј како создатели на првото словенско писмо – глаголицата во коешто се наоѓаат корените и на македонската писменост и како христијански рамноапостоли и сесловенски просветители, кои успеваат да ја разбијат тогашната тријазична догма и да ја издигнат словенската култура на рамноправно рамниште со трите други култури во тоа време во Европа. Така е кодифициран и книжевниот црковнословенски јазик, во чија основа лежи македонскиот словенски говор од околината на Солун, се вели во честитката на премиерот Ковачевски, соопштија од Сектор за односи со јавноста во Владата.
Браќата Кирил и Методиј, како што се нагласува во честитката, се издигнуваат и во темелници на интеркултурализмот поради значењето што го имаат за единството на европските народи, прогласени за светци од Православната црква и за созаштитници, односно патрони на Европа, од Римокатоличката црква.
– Со оглед дека развојот на словенската писменост, а со тоа и на македонската писменост, продолжува да се одвива на македонска почва под закрила на Охридската архиепископија, духовно-просветителското наследство на светите браќа Кирил и Методиј има безвременско значење и за нашата автокефална Македонска православна црква – Охридска архиепископија, која од лани е признаена како рамноправна со сите православни цркви, заедно со македонската писменост, јазик, култура и идентитет“, стои во честитката на премиерот Ковачевски.
„Нека е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј!“, порачал премиерот Ковачевски во телеграмата упатена до архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан, соопштија од владината прес-служба.