Преговорите за полноправно членство со ЕУ ги почнавме со целосно сочуван идентитет и македонски јазик, кои воопшто не се дел од преговарчката рамка туку билатералните прашања се дел од билатераланиот протокол со Бугарија. Благодарение на координирана и посветена работа на повеќе чинители во изминатите речиси две децении, ние сега имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик и идентитет се заштитени, а историските прашања се надвор од истатата, ова денеска од собраниската говорница го порача премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на пратеничко прашање, Ковачевски рече дека македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици во ЕУ без било какви објаснувања, додавки и фусноти.
-И колку и да сака некој да ја искривува вистината, да го изманипулира народот со црни сценарија, започнувањето на преговорите за полноправно членство во ЕУ значат зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура, историско минато, засебност и посебност, и дома и насекаде во светот, нагласи Ковачевски.
Спред премиерот Ковачевски, истото ова било потврдено и од претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и на првата меѓувладина конференција од потпретседателот на ЕК Жозеп Борел.
Во однос на тоа што добиваме од започнувањето на преговорите со ЕУ, Ковачевски потенцира дека тоа е стабилност и просперитетна иднина на сегашните и на идните генерации.
-Од овој процес граѓаните и сите заедно ќе излеземе посилни, постабилни и забрзано ќе чекориме напред кон заедничка поперспективна иднина. Исто така очекувам континуирана и зголемена помош кај ЕУ, која ќе ја обезбеди во наредниот период, која ќе овозможи македонските граѓани и економија да добијат конкретна и реална поддршка за европската реалност да можеме да ја живееме денес, рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски потенцира дека одлучно продолжуваме да го одиме европскиот пат.
Тој информира дека СЕП и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ веќе интензивно работат на оформување на преговарачките тимови, на ангажирање стручни лица во однос на преводите на законодавството на македонски јазик и на сите дополнителни материјали. Очекува во многу скора иднина тимот во СЕП да се проширува со голем број експерти кои во изминатите 30 години имаат стекнато искуство и знаење во европските интеграции, со дел од деловната и од академската заедница.