Економската програма на СДСМ предвидува повеќе за сите и подобар живот за сите, доближување на животниот стандард до европскиот, изјави претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на промоцијата на Програмата за европска иднина и кандидати за пратеници на избори 2024 година.

Ковачевски вети дека во наредните четири години просечната плата ќе достигне рекордни 1.100 евра, минималната 600 евра, а дополнително, со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра, а минималната 800 евра.

– Нема откажување и од достоинствен живот за пензионерите! Гарантираме дека во 2028 година минималната пензија ќе биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари. Дополнително, предвидуваме новогодишна поддршка од 6.000 денари за секој пензионер. СДСМ покажа дека се грижи за пензионерите и во наредните 4 години дополнително ќе го унапредиме нивниот стандард, ветува Ковачевски.

Бившиот премиер Ковачевски истакна дека тие покажале оти е можно да се има добар резултат, да се работи напорно за подобро утре.

– Дека е можно да има поголеми плати, пензии, повеќе пари кај граѓаните, дека е можно да има слобода и демократија, да има слобода на говор, дека е можно да живееме во земја која има сигурна, извесна и подобра, европска иднина, рече Ковачевски.

Тој додаде дека со антикризните мерки се оддржала ликвидноста на компаниите, се задржале работните места и се заштитил стандардот на граѓаните.

– Денес, Македонија е атрактивна дестинација за странски директни инвестиции. Само во 2022 година имавме над 750 милиони евра странски директни инвестиции, наспроти нешто над 300 милиони пред 2016 година. Од 2017 до 2023 година Македонија има три милијарди евра прилив на странски директни инвестиции, потенцира Ковачевски.

Тој додаде дека тоа е резултат на успешните економските политики и стабилното деловно опкружување.

– На овие избори ќе победи идејата за подобра, европска иднина. На овие избори Коалицијата за европска иднина ќе ја добие довербата на граѓаните да ја формира новата проевропска влада на Македонија, рече бившиот премиер.

Ковачевски додаде дека јасниот план за европска иднина на СДСМ е претставен во изборната програма.