Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Собранието ја образложи одлуката на Владата за уставните измени им порача на граѓаните да не се плашат од измената на Уставот и вметнување на Бугарите и другите народи во преамбулата.

Според Владата, предлогот за вметнување на Бугарите во Уставот и на уште неколку етнички заедници е поради зајакнување на правата на заедниците поради усогласување со Копенхашките критериуми за членство во ЕУ, а уставната традиција на Македонија е започната уште со Крушевската република.

– Уставноправната поставеност и традиција на Македонија во која се афирмира јазичниот, верскиот и културниот идентитет на сите заедници во нашата земја започна уште во државноправните традиции наведени во Крушевската република и во одлуките на АСНОМ. Ние не треба да ја пропуштиме оваа шанса за Европа. Еднаш тоа се случи кога се одвоивме од Хрватска. А дали ќе се случи пак годинава, вие во парламентот ќе одлучите. Европските претставници предупредуваат дека постои ризик од одвојување на С. Македонија и Албанија ако пред крајот на годината не се усвојат уставните измени. Тоа значи дека тие не се диктат, туку дел од преговарачката рамка со ЕУ, рече Ковачевски.

Ковачевски ги убедуваше пратениците да гласаат и да ги донесат измените бидејќи ќе се отворат големи фондови, кои ќе донесат просперитет за државата.

– Покрај придобивките, мора да ги имаме и пораките од нашите стратешки партнери. Од ЕУ пораките се дека пристапните преговори ќе запрат ако уставните измени не поминат и дека другите земји ќе одат напред, а нашето членство ќе биде одложено. Тука е укажувањето дека ако С. Македонија одлучи против уставните измени и се тргне од патот кон ЕУ, тоа ќе биде многу загрижувачки чекор за членките на НАТО и ќе има влијание врз односите со САД, рече Ковачевски.

Во продолжение опширно излагањето на Ковачевски:

Предлогот на Владата за уставни измени е целосно и единствено во насока на остварувањето на нашата консензуална и врвна државна стратешка цел, членство во Европската Унија. Поставена уште од независноста на нашата земја, во 1991-та година, која денес е мнозинска волја на граѓаните, нивна нужна и најважна потреба и шанса, особено на сегашните и идни млади поколенија бидејќи овозможува и гарантира реална европскаи сегашност и иднина во родната земја, истакна премиерот Димитар Ковачевски образложувајќи го предлогот за уставни измени пред Комисијата за уставни прашања.

Ковачевски навраќајќи се на Заедничкиот став на Европската Унија потенцира дека се очекува зајакнување на еднаквите права на заедниците, заради усогласување со Копенхашките критериуми и оти за таа цел, државава има преземено обврска за релевантни уставни измени, со цел, во Уставот да се вклучат и граѓаните кои живеат во земјава и се дел од други народи, а кои не се дел од Уставот.

-Преземената обврска во рамките на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, за предложените уставни измени, е исклучиво во рамките на уставните традиции што го одразуваат мултиетничкиот и граѓански карактер на Република Северна Македонија, како демократска држава на рамноправни граѓани. Впрочем и самата Европска Унија, што е наша стратешка определба, се заснова врз вредностите на почитувањето на човековите права, слободата, еднаквоста, демократијата изаштитата од дискриминација по сите основи, истакна Ковачевски.

Република Северна Македонија денес има неповторлива шанса, додаде тој, да го направи клучниот чекор за да продолжи по европскиот пат, а потоа во забрзан интегративен процес, во следните неколку години, да стане и членка на ЕУ.

Уставните измени кои се пред вас, како што кажа, не загрозуваат ниту едно македонско идентитетско прашање.

-И тоа е целосно јасно и прецизно, тоа е цврст факт. И воедно, предлогот го продолжуваат и интензивираат процесите на  патот кон целосна интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ, додаде премиерот.

Граѓаните, потенцира тој, нема за што да бидат загрижени, а на нас, како одговорни носители на јавни функции е обврската тоа добро да го објасниме и да носиме мудри одлуки, што отвораат перспективи, а нема да ја заглават државата во нова многугодишна изолација.

-За добро да објасниме, предложените интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и во членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи кои живеат во нашата држава. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ, рече Ковачевски.

Како што објасни, согласно ова и согласно претходните измени на Уставот, е направена и измената на делот за Комитетот за односи меѓу заедниците, за запазување на паритетот на претставниците во Парламентот, на сите, вака утврдени, заедници во Преамбулата на Уставот.

-Со тоа што во Уставот е посочено на македонски народ и делови од народи, со овој предлог се додаваат во продолжение другите делови од народи, недвосмислено е истакната примарната уставотворност на македонскиот народ, како и објективната културолошка, историска и нормативна засебност и уникатност на македонскиот народ од другите народи, вклучувајки го во овој контексти бугарскиот народ, истакна премиерот Ковачевски.

Премиерот потсети дека по 17 години од добиениот кандидатски статус, во јули, минатата година, „конечно ги отворивме преговорите, со таква мудра политичка одлука, што овозможи да го почнеме скрининг процесот, којшто успешно се одвива“. При тоа, посочи тој, македонскиот јазик и идентитет се зачувани и заштитени со преговарачката рамка, потпишан е првиот договор со Европската комисија, за гранично управување -ФРОНТЕКС, на македонски јазик, без ѕвездички или фусноти, рамноправно со други официјални јазици на ЕУ, со што македонскиот јазик го втемеливме и забетониравмеи во европското законодовство. Во моментов, на македонски јазик се преведува целото европско законодавство.

-Периодот што претстои е момент за нова, јасна и консензуална државничка одлука и решенија. Ние не треба да ја пропуштиме оваа шанса за Европа, оваа шанса да ја однесеме државата во ЕУ и да донесеме европски квалитет на живот дома. Еднаш тоа се случи, кога се одвоивме од Хрватска, која е веќе 10 години членка на Унијата. А дали ќе се случи истото годинава – вие тука во овој Парламент ќе одлучите, рече Ковачевски.

Европските претставници, потенцираше тој, без задршка предупредуваат дека постои ризик од раздвојување на Северна Македонија и Албанија, доколку пред крајот на годината не се усвојат уставните измени.

-Тоа значи дека уставните измени не се ничиј диктат, или нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на државата со ЕУ. Ова јасно го соопштија и претставниците на Германија, Франција и Полска, при минатонеделната посета на Скопје и сите останати кои нѐ посетија минатиов период. По почетокот на војната во Украина реална е  трансформацијата на ставот за брзината и процест на проширувањето на ЕУ.  На проширувањето не се гледа само како на просперитет, туку и како на стабилност и безбедност на Европа. И ова е неповторлив момент, кога со ЕУ имаме заеднички интерес и не смееме да го пропуштиме, бидејќи прашање е дали би го имало повторно кога, истакна премиерот.

Според Ковачевски, вистината е дека нема да има подобар договор, нема да има да има нов договор, нема да има друга преговарачка рамка и оти ова не го вели Владата, не го велам тој, туку го вели Европската Унија.

-Добрососедските односи, се дел од сите пристапни процеси, бидејќи интерес на Унијата е да има добрососедски односи, заради стабилноста и економијата. И затоа при сите досегашни пристапни преговори, прогресот на државите аспиранти се оценувал и според добрососедските односи и според реформите. Така е со нас и досега, како земја кандидатка, при оценките во извештаите на Европската комисија за постигнатиот напредок. Но, добрососедските односи се друго. Тоа е сосема одвоено од билатерални прашања, како што се историјата и идентитетот. Искуствата на земјите – членки покажуваат дека идентитетот во пристапните преговори само се потврдува и зајакнува. Во процесот на преговори фокус се реформите во борбата со корупцијата, правосудството, владеењето на правото, екологијата, економијата, социјалната политика, вели Ковачевски.

Во својот говор премиерор Ковачевски посочува дека пред да се донесе некоја одлука, мора да се има превид, што се добива, а што се губи со неа.

Европската Унија, наведе тој, е убедливо најголемиот донатор во Западен Балкан, како и во нашата држава. Само преку ИПА програмата, досега, во земјава, за модернизација на инфраструктурата и развој се вложени околу една милијарда евра неповратни средства. ИПА 3 програмата е веќе започната ипроектираните средства за 2021, 2022 и 2023 година се во вкупен износ од 243 милиони евра. Преку ИПАРД 2 програмата имавме на располагање 60 милиони евра, коишто поради најголемата искористеност од 98 проценти,во ИПАРД 3 програмата се зголемени на нови, неповратни 97 милиони евра за модернизација на македонското земјоделство.Поради функционалното партнерство со ЕУ што го имаме, Европската комисијаодобри и 100 милиони евра макрофинансиска помош за Северна Македонија, откако претходно добивме 160 милиони евра за ублажувањето на економските последици од пандемијата, како и грант од 80 милиони евра за справување со енергетската криза.

-Оваа поддршка ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови, кога ќе станеме членка на Европската Унија, затоа што една земја членка на ЕУ, од фондовите на Унијата, добива 11 пати повеќе средства по жител, отколку земјите кандидатки за членство. Можеме да го видиме тоа со напредокот на Романија, Чешка, Словачка, Полска, па и Бугарија, рече премиерот.

Членството во демократските политичко-економски и безбедносни меѓународни сојузи како што се ЕУ и НАТО има огромни предности и придобивки за државата, додаде тој, Според него, се уверивме по членството во НАТО, со што ги осигуравме безбедноста и територијалниот интегритет.  Воедно, инвеститорите сакаат предвидлива клима за инвестирање, паземјава веќе бележи рекорден број на странски директни инвестициишто во услови на криза, достигнаа историски износ од 753 милиони евра, што е двојно повеќе во споредба со 2016 година.

Покрај овие придобивки, рече Ковачевски, мора да се имаат предвид пораките од нашите стратешки партнери и тоа од ЕУ, пораките се дека пристапниот процес за Северна Македонија ќе запре, ако уставните измени не поминат и дека другите земји ќе одат напред во проширувањето, а нашето членство во Унијата ќе биде одложено. Тука е, додава тој, и недвосмислената поддршка што ја имаме од нашиот стратешки партнер САД, за членството во ЕУ и пораката дека САД ги држи за збор сите – и во земјава и од регионот, кои велат дека сакаат да ја видат оваа држава како се движи напред во европска интеграција.

-Но тука е и укажувањето дека ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против уставните измени, ако се тргне од патот од ЕУ, тоа ќе биде многу загрижувачки чекор за членките на НАТО и ќе има влијание врз односите со САД, потенцира Ковачевски.

По подолго време, политиките во изминатиот период овозможија, во Република Северна Македонија да се гледа како земја-фактор на стабилноста во регионот и Европа. Нашата држава е дел од геостратешки процес, што има за цел консолидација на ЕУ со државите од Западен Балкан, вели премиерот.

Ковачевски повтори дека овој актуелен контекст од нас бара зрелост и одговорни одлуки.

-Од сите зависи дали граѓаните ќе имаат европски услови за живот и европски животен стандард, рече Ковачевски.

Од следната година ЕУ ќе биде фокусирана на рефомите што треба да ги спроведе внатре во Унијата, за да може да функционира со повеќе држави членки. И ние, потенцира тој, или ќе останеме надвор од европското семејство уште долг период, или, ќе бидеме со Албанија првите земји што ќе ја следат новата методологија на проширувањето, и со забрзан чекор ќе станеме членка на ЕУ.

-Министрите во Владата, кои се дел од широка владина коалиција, покажаа совесност и едногласно го утврдивме Предлогот за измени на Уставот. Ние решивме да не калкулираме со рејтинзи пред престојните избори следната година, користејќи ги чувствителни идентитетски теми за партиски интерес. Одлучивме да не мисли секој за себе, туку да мислиме за доброто на сите – и затоа пред себе ја поставивме големата европска цел, рече Ковачевски.

Премиерот ги повика пратениците и рече дека во следните недели кога е првото гласање јасно ќе стане кој мисли за себе, а кој мисли и за своите деца и за граѓаните што ги претставува.

-Секој сам треба да одлучи дали ќе даде глас за Европа, глас за интеграција, или ќе го задуши гласот на совеста во себе и ќе одлучида ја однесе земјата во изолација, по нечиј налогдонесен од личен интерес или интерес на други страни. Верувам дека овој парламентарен состав има демократски капацитет за автентични демократски одлуки, што ќе ја постават Република Северна Македонија цврсто на европскиот пат и ќе ги осигураат заедничките европски перспективи, рече тој.

Според него, затоа, најважниот политички избор ќе го направи овој парламентарен состав, по што – или сите ќе бидеме победници, или сите ќе бидеме губитници, без разлика на изборниот резултат на следните парламентарни избори на идната година

-Добро е што има присуство на пратеници од сите политички партии денеска тука.Низ една квалитетна и плодна парламентарна дебата, доколку има политичка волја, може дасе разјаснат сите аргументи и да ги изненадиме граѓаните со натпартиска одлука, како што доликува на сериозни политичари, кои мислат на иднината и дејствуваат за неа денес. Најважно е да се биде разумен, совесен, чесен и да се водиме од интересите на граѓаните, минати, сегашни и идни генерации. Искрено повикувам на дебата со аргументи, со силата на визијата, со потребата за чесноста и желбата за успех на сите граѓани, рече Ковачевски.

Зборувајќи за опозицијата рече дека во изминатата година се слушало за катастрофи, апокалипси, пропасти и ништо од тоа не се случило, а немало ни асимилација ниту бугаризација…

Повика да не се мисли само на лични кариери и позиции, да не се плаши народот со измислени сценарија, како што рече да не се сонуваат некои минати времиња и да се предизвикуваат нови несреќи како претходно.

-Туку заради државата, разумно, одговорно и совесно да се делува. Тоа може да се направи, ако се сака. Одлуката е Ваша на пратениците и само Ваша. Јас, СДСМ, Владата сме на страната на обединувањето, прогресот, на вистинскиот браник на македонскиот вековен индентитет и засебност, рече Ковачевски.

Им се обрати и на грашѓаните посочувајќи дека тие треба да бидат уверени дека сите одлуки Владата ги носи за нивен најдобар интерес.

-Сакаме зад нив да застанат сите, да имаме како и другите развиени држави, силна и заедничка внатрешна кохезија, енергија и посветеност за добар живот сега, уште подобар утре. И тоа дома, а не во туѓина.

По премиерот Ковачевски зборуваа претставници на опозоцијата. ВМРО-ДПМНЕ се изјасни против уставните измени, додека пратениците од другите пратенички групи ги поддржаа уставните измени.

На почетокот на седницата од присутните 17 пратеници, 10 гласаа за дневниот ред додека седуммина „против“. Се очекува седницата на Комисијата да заврши до крајот на денот.

Уставно-правната поставеност и традиција на Република Северна Македонија, во којашто се афирмира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници во нашата држава, е започната уште во државно-правните традиции на Крушевската Република, како и со правните одлуки што се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ. Истата продолжи со донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991-та година, како и со амандманите на Уставот, кои произлегоа од Охридскиот рамковен договор во 2001-та година.