Граѓаните од нас очекуваат ефикасност и затоа она што го ветуваме и го исполнуваме, порача на својот фејбук-профил претседателот на Владата Димитар Ковачевски.
Премиерот потенцираше дека во многу краток период, во време на продлабочена криза, Владата успеала да договори рекордно зголемување на пензиите во историјата на Македонија. Дополнително. како што наведе тој, Владата обезбеди директна финансиска помош од 1.000 денари за секој пензионер за наредните три месеци, а со овие мерки, пензионерите во просек ќе имаат скоро 200 евра плус во домашниот буџет за 2022 година.
– Минималната плата од 18.000 денари е реалност. Но уште поважно е што таа континуирано ќе расте без потреба од дополнителни интервенции. Сега, со две минимални плати може да се покрие синдикалната кошничка, што не беше случај пред само пет години, кога беа потребни повеќе од четири минимални плати за истата да се покрие. Во година полна со предизвици и продлабочена економска криза, преку правилна стратегија ги насочивме сите ресурси и енергија кон економска поддршка за граѓаните и стопанството. Така ќе продолжиме и понатаму, напиша премиерот Ковачевски.
Премиерот потенцираше дека грижата за животниот стандард на граѓаните, особено за оние најранливите, е еден од врвните приоритети за оваа Влада.
– Затоа, фокусот е на системски решенија преку кои континуирано се подобрува квалитетот на живот, додаде Ковачевски.