Стапката на невработеност во последното тримесечје од 2021 изнесуваше 15,2 отсто, што претставува историски најниско ниво во независната економска историја на земјата. Во исто време, во четвртиот лански квартал БДП на земјата се зголеми за 2,3 проценти на годишно ниво, со што целата 2021 година заврши со економски раст од 4 отсто.

Но, тоа е само половина од добрата вест. Втората половина која власта ја заобиколува е таа дека „историската невработеност“ се должи на пасивизирање на населението, односно на тоа што околу 8.000 граѓани во овој период се откажале од услугата на државата да им бара работа.

Имено, вчера „Фајнанс тинк“ објави дека изгледите за растот на македонската економија во 2022 година се изразено надолни, односно претходната проекција од 4 отсто станува нереална. Во извештајот се нагласува дека невработеноста во четвртиот квартал од 2021 понатамошно благо се намали, на 15,2 отсто од претходните 15,7 отсто (К3-2021). Но, се намали и вработеноста, од 47,4 на 47,3 отсто. Овие остварувања се резултат на повторното пасивизирање на населението (помеѓу два квартала, близу 8.000 лица престанале активно да бараат работа).

Тоа значи не зголемена активност и вработеност за „историски резултат“, туку зголемено пасивизирање на граѓаните кои бараат работа, поради ковид-пандемијата и од други причини.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера на Фејсбук објави дека и во услови на двегодишна економска криза, невработеноста постојано паѓа, а последните податоци покажуваат дека таа е на историски најниски 15,2 отсто, како резултат на добрите економски политики на Владата, посветената работа и фокус на економијата.

Според податоците на Државниот завод за статистика, невработеноста во четвртото тримесечје лани е намелено за 5,6 проценти, односно за 0,9 процентни поени во споредба со истиот период во 2020 година.

Согласно владиниот План за забрзан економски раст, со растот на инвестициите, стапката на вработување се предвидува да се зголеми на 54,3 отсто во 2026 година, а стапката на невработеност првпат да влезе во едноцифрена зона до 2026 година од 8,6  проценти.

Податоците на ДЗС покажуваат и дека економскиот раст во последниот квартал на 2021 година е резултат на силната домашна побарувачка и бруто инвестициите. Приватната потрошувачка забележала годишен раст од 5,7 отсто, надминувајќи го предкризното ниво. Дополнително, трговија на големо и мало оствари годишен реален раст од 9,2 проценти, а јавната потрошувачка на годишно ниво била повисока за 6,5 отсто.

Во исто време, според гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, банкарскиот сектор според последните расположливи податоци покажува дека има капацитет за справување со евентуални шокови и за обезбедување солидна кредитна поддршка за закрепнувањето на економијата, адекватноста на капиталот забележува една од највисоките стапки во последните десетина година, заедно со ликвидноста на банките и ниското ниво на нефункционални кредити.

– Адекватноста на капиталот изнесува 17,3 проценти, што претставува повисоко ниво во однос на преткризното ниво и е една од највисоките стапки што сме ги имале, воопшто, во последните десетина години. Ликвидноста, исто така, е на солидно ниво, всушност кај нас банкарскиот систем традиционално се одликува со високо ниво на ликвидност. Нефункционалните кредити воопшто не пораснаа во текот на овој кризен период. Напротив, тие постепено, умерено се намалуваа и сега изнесуваат околу 3,3 отсто во вкупните кредити, истакна Ангеловска-Бежоска.

Сепак и покрај ваквите трендови, од Фајнанс Тинк оценуваат дека во услови на неизвесност околу времетраењето и интензитетот на руско-украинскиот конфликт, како и околу можните ефекти од санкциите кон Русија врз пазарите на енергенси, претходната проекција за раст на домашната економија во 2022 година од 4 отсто станува нереална.

– Неизвесноста во економијата се засили на почетокот на 2022 година, како резултат на зголемените притисоци од цените на храната и енергијата на глобално ниво. Притисоците врз цените и изгледите за растот дополнително се влошија со инвазијата на Руската Федерација врз Украина на 24 февруари 2022, оценува Фајнанс Тинк во Макроекономскиот монитор К4 2021 објавен вчера.