Пратениците кои ги претставуваат граѓаните треба да бидат на висина на задачата и сите 120 да поддржат продолжување на патот на земјава кон полноправно зачленување во ЕУ, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со уставните измени.
Како што нагласи Ковачевски на прес-конференција во Владата, уставните измени ќе поминат низ процес на парламентарна дискусија и тие се нешто што земјава треба да го направи.
Премиерот воедно порача прашањата како што се уставните измени, да не се користат за теснопартиски интереси.
-Верувам дека сите 120 пратеници треба да ги поддржат уставните измени зашто со нив се внесуваат делови од други народи кои живеат тука, кои изразиле желба да бидат дел од нашиот Устав. Ние веќе имаме повеќе делови од народи кои се дел од Уставот, покрај македонскиот народ. Постојат држави со дури 25 народи во Уставот, како Хрватска и тоа само ја збогатува општествената кохезија. Во однос на доволниот број пратеници кои би ги гласале уставните измени кажав дека е обрвска на секој пратеник, зашто имаат обврска кон граѓаните и државата во однос на европската иднина. Заатоа постои дискусија во Собранието која треба да е базирана на аргументи, факти и на перспективите на државата, посочи Ковачевски.
Според него, во однос на политичките партии, јасно се издиференцирани две коалиции – една која е за европска Македонија и која заедно со доминантниот дел од граѓаните сака да ја види државата како дел од ЕУ, и ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои се противат на членството во ЕУ и за тоа постојано изнаоѓаат нови причини кои немаат никаква врска со реалноста, ниту имале во 11-те години кога беа на власт и кога државата не се помести ни милиметар во евроинтеграциите, а беше и заробена во однос на демократијата и владеењето на правото.
-Втората коалиција не нуди никаква алтернатива. Едниот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ нуди некаквов азиски сојуз со централно-азиски држави што сетам дека е нонсенс во однос на евроинтеграциите, потенцира премиерот.