Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали го осудува потегот на спикерот Талат Џафери, повторно посочи дека на снимката не може да се види со кого зборува собранискиот спикер, а оттука дека не може да се дава оценка за нешто каде што се слушаат само гласови.
На новинарска забелешка дека во земјава има осудени лица врз основа на снимки на кои се слушаат единствено гласови, премиерот потенцира оти судот секогаш пресудува врз основа на материјални докази и на тоа заклучи дека пресуда не се носи врз основа на телефонски разговори, туку врз основа на релевантни документи кои се докажуваат во судска постапка
– Претседател на Влада не може да биде тој што спроведува процедура во однос на она што го има како процедура во Собрание, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во однос на тоа како го коментира случајот за снимката на собранискиот спикер Талат Џафери, каде што според опозициската ВМРО-ДПМНЕ тој им се обраќа со навреди и пцости на собраниските службеници.
Премиерот додаде оти во Собранието има етички кодекс на однесување, а оти самото Собрание има соодветни комисии во кои се разгледува однесувањето на пратениците во однос на усогласеноста со етичкиот кодекс на однесување.
– Колку што знам, веќе дел од пратениците имаат иницијатви во таа насока и затоа јас би се повикал прво на следење на процедурата, следење на етичкиот кодекс на однесување и следење на процедурите на собранието на Република Северна Македонија. Зошто? Затоа што да не заборавиме, Собранието е посебна законодавна власт во државата, а Владата е посебна извршна власт. И секако претседател на влада не може да биде тој што спроведува процедура во однос на она што го има како процедура во Собранието. Јас се надевам дека таму согласно сите наводи и докази ќе биде испочитувана процедурата и дека соодветно ќе бидат донесени понатамошни одлуки кои се во надлежност на собранието, рече Ковачевски.
Во однос на тоа дали пратениците од владејачкиот СДСМ ќе гласаат за дисциплинска постапка за спикерот Талат Џафери, премиерот посочи дека прво треба да се види како таа ќе се одвива, па следствено на тоа како ќе се однесуваат пратениците согласно податоците и документите кои таму ќе бидат презентирани.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали го осудува потегот на Џафери, премиерот повторно посочи дека на снимката не може да се види со кого зборува собранискиот спикер, а оттука дека не може да се дава оценка за нешто каде што се слушаат само гласови а не се гледа за што станува збор.
– Јас во Собранието имам поминато долго време. Во Собранието се кажуваат многу работи. Дел од тоа што се кажува во Собранието вие сте биле и јавноста била сведок и го слушала преку малите екрани како што е и сега. Меѓутоа, да се дава оцена за нешто каде што се слушаат само гласови, а не се гледа, оти јас не сум бил таму, така што најдобар одговор можат да дадат тие што биле во самата сала и кои нормално ќе бидат дел од постапката која ќе се води во соодветната комисија, додаде Ковачевски.
На новинарска забелешка дека во земјава има осудени лица врз основа на снимки на кои се слушаат единствено гласови, премиерот потенцира оти судот секогаш пресудува врз основа на материјални докази.
– Еднаш одговарав и на такво прашање. Значи, судот секогаш пресудува врз основа на материјални докази. Тие кои што се осудени, тие за кои има случаи, сите случаи судот ги води врз основа на закони и на материјални докази, документи за кои се однесува соодветен процес и соодветна пресуда, посочи премиерот.
Ковачевски на тоа заклучи оти пресуда не се носи врз основа на телефонски разговори, туку врз основа на релевантни документи кои се докажуваат во судска постапка.