Секој разговор на човек докажан пријател и евроатлантист кој го има со политички чинители од нашата држава во насока на градење пријателство и добрососедство, во насока на задржување на курсот на европските интеграции за целиот регион, јас го сметам за позитивен и добредојден со оглед на тоа дека во нашиот регион постојат два концепти, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за синоќешната средба на премиерот на Албанија Еди Рама со претставници на партиите на Албанците во земјава.
Ковачевски вели дека едниот концепт го предводи тој, Рама и други премиери, а тој е европска интеграција на целиот регион, додека другиот концепт го предводат политичари кои сметаат дека овој регион не треба да биде интегриран во ЕУ. Премиерот Ковачевски, како што кажа тој и Рама, тоа го сметаат за погрешно, а тие политичари не понудиле алтернатива.
-Меѓутоа тие политичари никогаш не понудија ниту алтернатива ниту докази дека такво нешто може да функционира и дека може да го однесе регионот во подобар живот, рече премиерот.
Затоа, како што вели, пораките од состанокот во Тирана се токму во насока на евроинтеграциските процеси.
-Затоа сметам дека пораките што исто така беа испратени по состанокот од страна на лидерите кои беа во Тирана се токму во таа насока, а тоа е непречено одвивање на европските интеграции на С. Македонија и нормално непречено одвивање на европските интеграции на Република Албанија со која, да не заборавиме, заедно ги отпочнавме пртеговорите со ЕУ, рече Ковачевски.
Премиерот на Албанија Еди Рама е докажан пријател на нашата држава, потенцира премиерот, посочувајќи исто така дека Рама е претседател на социјалидемократите во Албанија и е докажан евроатлантист, човек кој во секое свое излагање и работење секогаш се водел од принципот на интеграција на целиот балкански регион и особено Западен Балкан во НАТО и во ЕУ.
-Сите негови јавни изјави се насочени во таа насока. Втора работа што треба да се истакне е дека премиерот Рама и јас како претседател на нашата Влада, меѓутоа и како претседател на СДСМ сме дел од партијата на европски социјалисти во Брисел и исто така премиерот Рама ја имаше мојата целосна поддршка кога минатиот месец кога беше избран за потпретседател на Социјалистичката интернационала, како потпретседател на шпанскиот премиер Педро Санчез. И тој негов успех како премиер на Албанија јас го сметам како успех на целиот регион на Западен Балкан и исто така при изборот на госпоѓа Радмила Шекеринска како потпретседател на партијата на европските социјалисти, ние ја имавме поддршката од партијата на господинот Рама, рече Ковачевски кој денеска беше во посета на „Пекабеско“.
На неформалната вечера со албанскиот премиер Еди Рама синоќа во владината вила во Тирана присуствуваа Али Ахмети од ДУИ, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Мендух Тачи, ДПА и Африм Гаши, Алтернатива. Од поканетите не присуствуваше само Билал Касами од Движењето БЕСА.
Со Рама беа и министерката за Европа и надворешни работи Олта Џачка, координаторот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија Таулант Бала и генералниот секретар на партијата Дамијан Ѓикнури.