Не знам која фирма до кого е блиска, тендерите за ископ на јаглен во РЕК Битола се јавни, отворени и транспарентни и никој економски оператор не се пожалил на постапката, вели директорот на ЕСМ Васко Ковачевски во интервју на Радио Слободна Европа.

Тој вака ги коментира обвинувањата дека фирми блиски до Вице Заев, брат на поранешниот премиер Зоран Заев, добиваат тендери за ископ на јаглен во РЕК Битола.

– Јас не можам да кажам кои компании се блиски до кој. Истите компании коишто работат наназад 10-15, па и 20 години работат и денес во РЕК Битола. Тие се компании, односно економски оператори коишто склучуваат договор со ЕСМ, претходно поминати преку една јавна набавка, отворена постапка, целосно транспарентна, помината низ сите процедури на компанијата, низ сите институции коишто имаат обврска да ги контролираат, тоа се Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки и на крајот ги склучуваме договорите. Од моето доаѓање на чело, прво на комбинатот РЕК Битола, а подоцна и на ЕСМ, ние немаме жалби по јавни набавки од економски оператори по коишто ги поништуваме постапките и тие постапки потоа завршуваат во судски процеси. Значи, сите процеси се поминати транспарентно и ние имаме потврда за тие јавни набавки, тврди Ковачевски.