Како разновидно и повеќејазично општество, С. Македонија се гордее со своето богато лингвистичко наследство, составено од многу јазици и дијалекти, се вели во чститката од премиерот Димитар Ковачевски по повод Денот на мајчиниот јазик
– Денес, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, ја славиме важноста и убавината на јазикот кој го обликува нашиот идентитет и културно наследство. Нашиот мајчин јазик не е само средство за комуникација, туку и одраз на нашата историја, традиции и вредности, пренесени од генерација на генерација. Како разновидно и повеќејазично општество, С. Македонија се гордее со своето богато лингвистичко наследство, составено од многу јазици и дијалекти. Секој од овие јазици има свој уникатен шарм и придонесува за културното богатство на нашата земја.
Натаму во честитката од Ковачевски во која спомнува мајчин, но ни никаде македонски јазик, се додава:
– На овој ден, го признаваме значењето на нашиот мајчин јазик и виталната улога што ја игра во зачувувањето на нашето наследство и промовирањето на нашиот културен идентитет. Како влада, остануваме посветени на промовирање и заштита на јазичните права на сите наши граѓани. Ја препознаваме вредноста на повеќејазичноста и посветени сме на создавање средина каде што сите јазици можат да напредуваат.
Честит Меѓународен ден на мајчиниот јазик!- напиша Ковачевски во честитката на својот официјален профил на Фејсбук.
Премиерот на „нашата земја“ која, навистина со придавка, но единствена во светов го носи името Македонија, заслужува барем на едно место во честитката да биде напишано дека во „богатството од јазици во нашата земја“ службен е македонскиот. Нема потреба од страв и за придавката „македонски“, ако веќе постои за употреба на името Македонија, пред кое, од друга страна, немилосрдно се употребува географската и политичката придваква „северна“!
(Д. Г.)