Премиерот Димитар Ковачевски упати голема благодарност до Европската Унија за тоа што во време на енергетска криза донесе одлука Македонија „да стане дел од платформата за заедничко купување течен природен гас како дел од стратегијата за справување со последиците од руската агресија врз Украина“.

-Како резултат на политиката на солидарност, С. Македонија се приклучува кон Платформата на ЕУ за заедничко купување течен гас и хидроген. Преку колективно настапување на пазарот, целта е да се обезбеди пониска цена за гас. Во ова време полно предизвици заедничката стратегија „заедно сме посилни“ дава резултати, напиша на фејсбук премиерот Ковачевски.

Европскиот Совет во Брисел овие заклучоци ги донесе вчера после состанокот на лидерите на ЕУ со претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден, каде уште еднаш воената агресија на Русија на Украина е оценета како грубо кршење на меѓународното право која што предизвика огромен број цивилни жртви и масовна хуманитарна бегалска криза.

Меѓу заклучоците за заедничките политики на ЕУ и САД како одговор на оваа неприфатлива воена агресија во Европа, кои се однесуваат на помошта за Украина и за соодветно прифаќање на бегалците и менаџирање на хуманитарната криза, донесени се и повеќе заклучоци кои се однесуваат на справување со последиците од економската криза со посебен акцент на енергенсите.