Гласањето на законот за амнестија не треба да влијае врз односите во коалицијата со Алијанса за Албанците смета премиерот Димитар Ковачевски, откако денеска во Собранието не ја доби поддршката од пратениците да се донесе по скратена постапка.
Одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Првата конференција за патна инфраструктура, тој појасни дека е запазена целата процедура и оти секој можел да го искористи своето демократско право за гласање.
– Владата донесе одлука и му се даде можност на министерот за правда да го образложи законот за амнестија пред пратениците, што беше направено во текот на денешниот ден. Но, пратениците во Собранието имаат суверено право да гласаат во свое име и во име на граѓаните во однос на законските решенија што се нудат. Сметам дека е запазена целата процедура и сето она што беше кажано и сметам дека ова не треба да влијае врз односите во коалицијата, со оглед на тоа дека секој можеше да го искористи своето демократско право да ги искаже своите аргументи, а оние кои што го имаат правото на глас да го искористат за гласање на парламентарната сесија, рече Ковачевски.
Тој појасни дека уште кога бил предложен законот за амнестија постоеле различни ставови во однос на ефектите од него. Интенцијата на законот, нагласи, била да се растеретат затворите со оглед на нивната пополнетост и ставот на министерот за правда Кренар Лога беше дека тоа може да се направи со закон за амнестија. Ист таков закон за амнестија веќе е гласан во Собрание.
– Од друга страна постоеа аргументи кои го велеа спротивното, а тоа е дека претходниот закон не ги дал посакуваните ефекти со оглед на тоа дека најголемиот број на оние што биле амнестирани веднаш потоа биле сторители на исти кривични дела и биле повратници во затворите. И второ што на издржување на казна чекаат над 2.000 нови осуденици, што нема да доведе до растеретување на затворите и дополнително беа наведени како опции условниот отпуст, пробацијата и други мерки кои можат да се користат со цел растеретување на затворите од преголем број затвореници, истакна Ковачевски.