Во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија гостуваше генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Драган Ковачки, кој упати критики кон СДС, оценувајќи дека партијата треба повеќе внимание да посвети на сопствената организација и коалициски односи, наместо на политичките напади кон ВМРО-ДПМНЕ, се вели во партиското соопштение што МИА го пренесува интегрално.
Ковачки изјави дека СДС се соочува со внатрешни предизвици и, според него, треба да си ја преиспитаат својата реторика и политичка насока.
„СДС може да зборуваат што сакаат, тие треба да си погледнат малку во своите редови, да не се занимаваат со ВМРО-ДПМНЕ кое ќе ги прегази на следните парламентарни избори кога и да се случат. Она што можам да го кажам за нив и да им упатам порака дека треба да внимаваат малку и на сопствените редови и на сопствената коалиција, да не прават фронтови коишто однапред им се пробиени и коишто ќе им донесат штета. Значи треба да ја сменат реториката треба да се навратат кон сопствената идеологија која ја изгубија во меѓувреме додека беа во владата под раководство на ДУИ, така да би рекол да внимаваат малку што зборуваат кон својот политички опонент којшто на следните избори ќе ги прегази“, вели Ковачки.
Осврнувајќи се на реформските процеси во земјата, Ковачки оцени дека за време на владеењето на СДС биле реализирани мал дел од предвидените реформи, додека актуелната власт, како што рече, покажува поголема ефикасност во нивното спроведување. Тој истакна дека претходната власт правела отстапки кои, според него, биле на штета на националниот идентитет, историјата, културата и традицијата, додека актуелната Влада се фокусира на реализација на реформските процеси.
„СДС досега, во текот на нивното владеење ако имале, карикирам, 25 реформски процеси коишто требало да ги спроведат, тие спроведувале два, дваесет и три не ги спроведувале. Беа гласни затоа што правеа отстапки на сметка на националниот идентитет, на историјата, на културата, на традицијата, на сметка на нас самите, нешто што сега не е случај, сега карикирам повторно од 25 реформски процеси, два можеби нема да ги реализираме и токму затоа е стравот и паниката кај СДС, затоа се изгубени во комуникацијата со јавноста, веќе не знаат како да напаѓаат“, рече Ковачки.
Во своето гостување, Ковачки ја критикуваше и политиката на лидерот на СДС, Венко Филипче, во однос на националните прашања.Тој порача дека дневнополитичките пресметки околу теми поврзани со државните интереси се штетни и мора да престанат.
„Вие од тоа да правите дневно политикантство, да им давате муниција на тие што од нас бараат да се покориме, тоа е дневно политикантство на штета на сопствената држава, на сопствениот народ, па дури и на сопствената партија. Тоа во моментот ни се случува, политикантство на дневна основа нешто што е крајно штетно, политикантство со националните интереси, и тоа мора да престане. Јас многу често го нарекувам Венко Филипче дека е адвокат по службена должност на Република Бугарија. Некои го нарекуваат специјален претставник и така натаму, како и да се нарече во тој дел нема да се погреши затоа што начинот на којшто дневно комуницира со јавноста и прави политикантство од националните интереси, откривајќи ја македонската слаба страна а тоа е необединетоста за која тие не сакаат да пристапат со нас и да се обединиме, а сите други се обединети со нас, уште еднаш покажува дека станува збор за луѓе коишто не и мислат добро на татковината“, истакна Ковачки.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ




