Преку Ковакс системот за Македонија е предвидено годинава да добие 103.200 дози од вакцината на АстраЗенека, за кои денеска е соопштено дека здравствените власти во Швајцарија одбиваат да ја регистрираат за употреба и побараа повеќе податоци за нејзината ефикасност и квалитет.

Иницијативата на ОН, Ковакс планира во првата половина од годинава да испорача 337,2 милиони дози вакцини против Ковид-19, најмногу во земјите во развој.

Тоа ќе биде доволно за вакцинирање на речиси 169 милиони луѓе со двете дози, или речиси три проценти од популацијата во 145 земји кои учествуваат во иницијативата.

Ковакс очекува да подели 336 милиони дози вакцини кои ги развија АстраЗенека и Оксфорд во првите два квартали, повеќето произведени во Индија.

Во првиот квартал се очекуваат дополнителни 1,2 милиони од вакцината на Фајзер и Бионтек.

Според Ан Линдстранд од СЗО, испораките би можеле да почнат кон крајот на февруари.

Ковакс ќе покрие трошоци за набавка на вакцините за 92 сиромашни земји, додека другите ќе ги добијат по пристапни цени.

Земјите ќе добијат дози пропорционално на бројот на населението.

Најмногу ќе добие Индија (97,2 милиони), потоа Пакистан (17,2 милиони), Нигерија (16 милиони), Индонезија (13,7 милиони), Бангладеш (12,8 милиони), Бразил (10,6 милиони), Кенија (4,2 милиони), Судан (3,4 милиони), Јемен (2,3 милиони) и Сирија (1,02 милиони)

Меѓу земјите во регионот, Србија ќе добие најмногу – 345.600 дози, потоа Босна и Херцеговина – 177.000, Албанија – 141.600, Северна Македонија – 103.200, Косово 100.800 и Црна Гора 84.000 дози вакцини.

Швајцарија не ја одобри вакцината на АстраЗенека

Швајцарија не ја одобри вакцината против Ковид-19 на АстраЗенека, соопшти националниот регулатор на лекови „Свисмедик“ и побара повеќе податоци за ефикасноста и квалитетот пред да ја одобри вакцината за употреба.

Европската унија минатата недела ја одобри оваа вакцина.

Швајцарија исто така соопшти дека нарачала милиони дополнителни дози вакцини против Ковид-19 од други производители.

Земјата, која веќе нарача 5,3 милиони дози од вакцината на АстраЗенека, соопшти дека ги чека резултатите од испитувањата во Северна и Јужна Америка, во кои се вклучени десетици илјади луѓе.

– Откако ќе ги добиеме резултатите, многу брзо може да се издаде привремено одобрение согласно процедурата за распределба, се вели во соопштението на Свисмедик.

Според регулаторот, моментално достапните податоци не даваат основа за позитивна одлука во однос на придобивките и ризиците. јт/

2021-02-