Светската здравствена организација извести дека смртните случаи од Ковид-10 во Европа се зголемени за 10 отсто изминатата седмица, пишува Еј-Би-Си њус.
Тоа ја прави Европа единствен регион во светот каде што смртните случаи се во постојан пораст. Шест последователни недели случаите со новоинфицирани се зголемува низ целиот континент.
Во својот неделен извештај за пандемијата, здравствената агенција на ОН соопшти дека има околу 3.1 милиони нови случаи на глобално ниво, од кои две третини од инфекциите, или 1.9 милиони се во Европа.
Државите со најголем број на нови случаи во светот беа САД, Русија, Британија, Турција и Германија. Бројот на неделни смртни случаи од Ковид-19 се намали за околу 4 отсто глобално и се намали во секој регион освен во Европа.
Од 61 држава кои Светската здравствена организација ги припојува во европскиот регион, безмалку половина пријавиле зголемување од најмалку 10% на нови Ковид-19 случаи минатата седмица.
Во САД новозаразените случаи се намалени за 5%, а смртните случаи опаднале за 14%.
Југоисточна Азија и Африка бележи намалување на смртните случаи од Ковид-19 за околу една третина и покрај недостатокот на вакцини.
Директорот на СЗО за Европа, д-р Ханс Клуге минатата недела изјави дека Европа се врати во епицентарот на пандемијата. Притоа, тој предупреди дека ако не се преземат повеќе активности за запирање на Ковид-19, регионот може да изброи уште 500.000 смртни случаи до февруари.