Нема цена што Владата нема да може да ја плати за вакцината против Ковид-19, порача денеска министерот за здравство Венко Филипче кој верува дека има можност и пред март одредена количина на вакцини да пристигне во земјава .
Одговарајќи на новинарски прашање во Шуто Оризари, Филипче рече дека засега имунизацијата останува еден од најсериозните инструменти за сузбивање на вирусот и оти сите вакцини се апсолутно безбедни.
Истакна дека освен со Бугарија, Грција и Полска, се преговара и со Австрија, а паралелно со тоа течат и разговорите со производителите на вакцини. И преку Ковакс системот се очекуваат вакцини.
– Која вакцина ќе биде прва преку Ковакс системот, за жал не знае ниту една земја која партиципира во системот. Очигледно е дека сите земји кои преку Европската комисија имаа привилегија да ги добијат први вакцините, добија многу помали количини од она што очекуваа. Затоа овој систем на солидарност којшто беше предвиден, малку се одложува. Ние сме во комуникација со сите европски држави кои ги понудија механизмите за помош и верувам дека ќе има начин и пред март вакцините да стигнат во нашата земја, рече Филипче.
Согласно динамиката на производство на вакцините, Филипче очекува поинакви вести и од производителите на вакцини од оние кои досега ги давале за време на разговорите.
Прашан дали воопшто ќе биде потребна вакцина доколку вирусот природно исчезне, Филипче со став дека за да спласне вирусот потребно е да има имунизација со кој ќе се достигне степен на колективен имунитет од 60 до 70 проценти од населението.
– Останува да ја следиме ситуацијата и како ќе се одвиваат трендовите – дали ќе има природен пад на целата падемија. Засега нема знаци дека спласнува вирусот во насока на целосно добивање на колективен имунитет така што имунизацијата останува како еден од најсериозните инструменти со кои ќе се смени сликата, нагласи Филипче.