Услови за увоз на вакцини за Ковид-19 во земјава се овозможуваат со дополнетиот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, што вчера беше усвоен со консензус во Собранието.

Во Законот, поддржан и од опозициските пратеници, се прецизира дека за ставање вакцина за SАRS COV 2 во промет, покрај претходно предвидените правни лица, барањето може да го поднесе и производител на лекови со регистрирано седиште надвор од територијата на државава, правен застапник на странски производител со регистрирано седиште надвор од територијата на државава,  подружница на странски производител со регистрирано седиште надвор од земјава и  трговско претставништво на странски производител со регистрирано седиште надвор од територијата на земјава.

Премиерот Зоран Заев во интервју за печатеното издание на „Капитал“ вели дека обезбедуваат вакцини на сите можни начини и од сите можни извори кои светот ги користи и кои несомнено покажуваат резултати и се докажано безбедни.

– Очекуваме во текот на февруари во земјава да пристигнат вакцини од повеќе производители достапни за граѓаните, а првите верувам ќе бидат вакцината на „Фајзер“ и вакцината на „Синофарм“. Ние сме целосно подготвени за првите количини од аспект на нивното складирање во соодветни услови, од аспект на правно-процедурални постапки и се разбира од аспект на организациски план за вакцинирање. Затоа ја направивме и измената на Законот за лекови од причина што глобална политика на производителот на вакцини „Фајзер“ со кој имаме договор, бара да аплицира како меѓународно претставништво, а не преку фирма регистрирана во нашата држава, вели Заев.

Според него, дополнителни позитивни промени најавува и одлуката на „Фајзер“ да се врати на првичниот распоред на испораки на вакцините во Европската Унија со обврска зголемените испораки да започнат на 15 февруари за да се исполни договорот за испорачување на договорените количини.

Утврдениот Национален план за имунизација на населението предвидува вакцинацијата против КОВИД-19 да биде спроведена во три фази. За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктира и кадарот кој досега ја спроведува вакцинацијата. Во прв ред, тоа се превентивните служби за имунизација во рамки на Здравствените домови во кои се врши задолжителната имунизација и епидемиолошките служби во центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици, во кои се врши имунизација по епидемиолошки и клинички индикации.

Според последните податоци на Министерството за здравство, бројот на активни ковид случаи во државава изнесува 7.766, од кои 4.014 се во Скопје. Во вчерашната ковид статистика за претходното деноноќие во државава беа регистрирани 61 нов случај со Ковид-19 од направени 675 тестирања. Починати се уште 11 лица, а регистрирани се 440 оздравени пациенти.

Како што соопштија вчера од МЗ, на инфективните оддели во земјава се хоспитализирани 595 пациенти со Ковид-19 од кои 252 во Скопје.

Вкупниот број на ковид-дијагностицирани лица во држвава од почетокот на епидемијата изнесува 92.753, на оздравени пациенти е 82.121, а на починати е 2.866.